Македонија е во Топ 12 фазата на Европското првенство во Данска откако во извонредно драматичен натпревар славеше против Австрија со 22-21 на последниот натпревар од групната фаза на шампионатот.
Најзаслужен за нашиот триумф беше извонредниот Борко Ристовски кој го заврши натпреварот со 19 одбрани, како и капитенот Кире Лазаров кој постигна гол за да ни донесе нова победа во последните секунди од средбата.
Борко Ристовски одлично го почна мечот, бранејќи ги првите два удари на противниците.
Сепак, и Австријците имаа свој адут во голманот Мариновиќ, кој не дозволи да направиме посериозна предност во текот на натпреварот, со неколку одлични интервенции.
На одмор заминавме со предност од 12-10.
Борко Ристовски го заврши дуелот со 19 одбрани. Кире Лазаров постигна 8 гола со уште еден одличен натпревар, со четири заврши Стојанче Стоилов, три погодоци запиша Бранче Ангеловски, а по два гола имаа Манасков, Филип Миркуловски и Гоце Георгиевски. Кај Австријците Вилчински заврши со 7 постигнати гола, а Шлингер постигна пет. Мариновиќ на голот имаше извонредни 22 одбрани.
Македонија е во исчекување на последниот дуел од нашата група меѓу Данска и Чешка кога ќе се знае колку бодови ќе пренесеме во следната фаза од натпреварите на Европското првенство.




