„Се потврдија сомнежите за малверзации во доделувањето на милионскиот тендер на семејната фирма на омилената уредничка на власта, Ивона Талевска“, констарираше денеска Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.
Социјалдемократскиот сојуз бара Јавниот обвинител и сите надлежни институции итно да се вклучат во испитување на овој сериозен тендерски скандал, кој упатува кон повеќе злоупотреби направени од страна на распишувачот на тендерот и на фирмата добитник.
„Овие два документа што министерот Никола Тодоров ги сокри од јавноста упатуваат на наместен тендер, во случајот милионски бизнис за семејната фирма на Ивона Талевска.
– Во огласот за доделување на тендерот, првично се поставени високи критериуми за фирмите што конкурираат. Треба да имаат најмалку три реализирани договори за ваков вид бизнис во Македонија, во Европсата унија, Норвешка, Швајцарија, САД, Канада, Австралија и Јапонија.
– Месец пред отворање на понудите направени се измени во условите на тендерот со што и е овозможено на фирмата „ВИСАРИС МКД“ да стане конкурентна, а подоцна и да го добие бизнисот тежок милион евра“, образложи Шилегов.
– Во измените, направени на 26.12.2012 година или точно месец и два дена пред отворањето на понудата на 28.01.2013 година, изненадучки, се додава ЦЕФТА со што влегува и Србија меѓу земјите од каде што може да конкурираат фирми. Со ова се симнуваат критериумите и се овозможува влез на тендерот, на фирмата „ВИСАРИС МКД“ на Талевска, преку српска фирма. Без оваа измена „ВИСАРИС МКД“ можела само да го сонува овој милионски бизнис.
– Во огласот за доделување на милионскиот тендер, логично, се бараат низа на важечки сертификати за потврда на европски и светски квалитет на медицинската опрема.
– Во измените Министерството за здравство го повлекува и овој важен услов со што ја брише клучата одредба дека сертификатите за квалитет треба да бидат, како што стои, „во рок на важност“.
– На овој начин, се симнува уште еден од значајните услови за квалитет на медицинската опрема за којашто е распишан тендерот. Така, фирмата на Талевска добива можност да ја намалува цената на опремата за време на електронската аукција, до ниво што е неизводливо за една висококотирачка компанија, како што е другиот учесник на тендерот, јапонската фирма Шимадцу, една од петте светски фирми за медицинска опрема по квалитет.
– Ова го покажуваат официјални документи што Тодоров не ги објави, истакна Шилегов.



