Православните христијани денеска го слават големиот празник Богојавление, познат како Водици. Традиционално во сите градови на државата свештениците го фрлаат светиот крст во вода, a верниците се обидуваат да го најдат. Се верува дека на овој ден сите води се свети и оној што ќе го најде крстот ќе биде среќен во следната година.
Празникот е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител. Празникот се нарекува Водици, поради големиот водосвет, што го извршува Црквата на овој ден. На овој празник му се дава значење на крштевањето како една од повеќето свети тајни на христијанството, а со него завршуваат дванаесетте т.н. некрстени денови и циклусот зимски празнувања поврзани со Бадник, Божик, и Василица.
Централното одбележување на Водици е во Охрид, каде најавено дека по светиот крст во водите на Охридско Езеро ќе скокнат повеќе од 1000 капачи. Масовно одбележување на празникот се очекува и во Скопје, каде околу 200 граѓани ќе се обидат да го фатат светиот крст. Крстот точно напладне во водите на реката Вардар ќе го фрли архиепископот Охридски и македонски г.г. Стефан.
Литургијата почнува во 9 часот во црквата „Св. Димитрија“ во Скопје, по што поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан заедно со свештенослужителите и верниците со литија ќе се упати кон мостот кај хотелот „Холидеј Ин“, каде ќе ги освети водите на Вардар.




