Во светот со новиот коронавирус досега се заразиле 4.145,6389 лица. Од нив починале 281.921, а оздравеле 1.462,578, говорат најновите податоци.
Само шест нови случаи на Ковид-19 се регистрирани во Грција во изминатите 24 часа, со што вкупниот број на заразени лица се зголеми на 2.716. Во изминатото деноноќие не е регистриран смртен случај, па така бројот на починати од коронавирусот остана ист како и вчера, 151 лице. Приклучени на апарати се хоспитализирани 30 лица, а од Одделите за интензивна нега отпуштени се 87 пациенти. Досега, анализирани се 98.877 примероци, 1.493 повеќе од вчера.
Србија досега има евидентирано 10.114 заразени лица со коронавирус, 215 починати и 3006 излечени граѓани. Од вирусот во изминатите 24 часа починати се две лица, со што вкупниот број на починати се искачи на 215 граѓани, соопштија на владиниот сајт ковид.рс. Во изминатите 24 часа, тестирани се 6059 лица, од кои позитивни на вирусот се 82 граѓани. Вкупно кај 10.114 лица е потврден случај на коронавирус, а излекувани се 3006 пациенти. Вкупно во Србија досега тестирани се 140.592 граѓани.
Српскиот министер за одбрана Александар Вулин денеска изјави дека од вирусот досега се починати тројца припадници на српската војска, инфицирани се 52 припадници, а во изолација се наоѓаат 167 лица.
Германија полека ги олеснува рестриктивните мерки, но истовремено се појавуваат и нови жаришта на епидемијата, при што се откриени невозможни услови во кои живеат и работат странските работници во германските кланици. Според Дојче веле, во големата кланица Вестфлајш во Косфелд првично регистрирани се 73 заразени со новиот коронавирус, а во меѓувреме бројот се зголемиле на 191.
Во изминатото деноноќие во Албанија регистрирани се нови 12 случаи со Ковид-19 или шест повеќе споредено со вчера. Вкупната бројка на досега заболени се зголеми на 868 лица,од нив 650 се оздравени додека 31 се починати, кои имале и други хронични болести. Во последните 24 часа тестирани се 17 сомнителни случаи на Ковид-19, при што кај 12 од нив има позитивен резултат.
Во списокот на оздравени се впишани 27 со што бројката на оздравени сега изнесува 650 или околу 75 отсто ов вкупно заболените. Активни на болеста се 187, главно во Тирана, Круја и Скадар, информираше Гентијана Ќирјако од Институтот за јавно здравје.
Според податоците на Националниот институт за јавно здравје на Словенија, во земјата се направени вкупно 625 нови тестирања за коронавирусот, а позитивни биле три.
Во Италија од корона вирус во последните 24 часа починале 165 заболени, што е за околу 30 помалку од вчера. Потврдени се 802 нови случаи, што е за околу 300 помалку отколку во саботата, соопшти денеска Агенцијата за цивилна заштита.
Овој број од 9 март наваму е најмал и кај новозаболените и кај починатите, наведува Ројтерс. Вкупниот број починати достигна 30.560 лица, така што Италија останува на трето место во светот како најпогодена од коронавирусот.




