САД повикаа денеска на прекин на судирите во Украина каде синоќа во масовните протести, во судирите меѓу полицијата и демонстрантите беа повредени стотина луѓе.
„Многу сме загрижени поради насилствата на улиците на Киев и повикуваме страните да ги запрат тензиите“, се вели во соопштението на американскиот Национален совет за безбедност.
Се наведува дека тензиите во Украина се „дирекна последица“ на неуспехот на владата да го признае „легитимитетот на барањата на граѓаните“.
САД ги разгледуваат и дополнителните мерки кои треба да се превземат, како што се санкции.
На улиците на Киев вчера излегоа 200.000 луѓе, во знак на револт поради неодамна донесениот закон за остри санкции за учесниците на демонстрации. Во судирот со полицијата повредени се десетици демонстранти, а многумина се приведени.
Демонстрантите бараат од владата да ги укине недемократските закони донесени во последните неколку дена и повлекување на полицијата за разбивање на демонстрантите од улиците на Киев, како и почекот на преговори со опозицијата.
Претседателот Виктор Јануковиќ по состанокот со лидерот на опозицијата Виталиј Кличков за денеска најави формирање на комисија со претставници и од опозицијата за да се стави крај на кризата во земјата.
Новиот закон предвидува казни до 15 дена за поставување на шатори или бини на јавни места без одобрени од власта. Како и затворски казни до 5 години за луѓе кои ги блокираат државните згради и казни за оние кои демонстрираат со маски или кациги.