Пресудата од Скопскиот суд против главната уредничка на политичкиот неделник Фокус Јадранка Костова, и новинарот Владо Апостолов, обвинети за клевета од страна на директорот на УБК, Сашо Мијалков е драконска, велат оттаму.
Цивил – Центарот за слобода, најостро ја осудува последната манифестација на притисок врз независните новинари и медиуми со донесување пресуда која е непропорционална и остра, имајќи ги предвид примањата на новинарите во земјата.
„Владините претставници мора да разберат дека нивната позиција како јавни личности претпоставува критики на кои треба да одговорат со дијалог и транспарентност. Критиката не е навреда! Ова треба да се разбере еднаш за секогаш“, пишува во реакцијата.
Центарот уште еднаш потсети на на својата одбрана на новинарот Томислав Кежаровски, осуден на 4,5 години затвор и кој ја очекува правосилноста на пресудата во домашен притвор, како и новинарот Зоран Божиновски кој очекува екстрадиција од Србија.
– Ги потсетуваме домашната и меѓународната јавност на политичките затвореници кои се на суд, отслужуваат казна затвор или се во притвор во Република Македонија, стои подолу во реакцијата.
Инаку денеска и Здружението на новинарите ја осуди пресудата со која се казнети за клевета новинарот Апостолов и уредничката Костова.
Во соопштението од ЗНМ се вели дека судот при донесувањето на пресудата e обврзан да ги почитува одредбите на европската конвенција за заштита на основните човекови права и становиштата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.




