Лидерот на СДСМ, Зоран Заев вели дека без полтички договор мора да се почитуваат законските рокови кои предвидуваат избори на 21 јуни. Тој во својата изјава за Канал 5 исто така рече дека не е прашање дали ВМРО ДПМНЕ ќе бојкотира или не туку дали ќе учествува во кампањата или не. Според него тие веќе предале изборни листи и се дел од изборниот процес.
“Не е прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ ќе учествуваат на изборите, туку прашањето е дали ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува во изборната кампања или не. ВМРО-ДПМНЕ учествува на изборите, тие прифатија изборите да бидат на 12 април, потоа прифатија одложување на изборите, доставија кандидатски листи, ждребовањето е завршено, се е подготвено за избори, оцени претседателот на СДСМ Зоран Заев во вечерашното интервју за ТВ Канал 5.
Зборувајќи за можниот датум за избори тој рече дека законските рокови налагаат тоа да биде 21 јуни.
Во услови кога нема договор, изборите треба да се спроведат согласно законските рокови. Во услови кога и по втората лидерска средба не дојдовме до решение, останува да одиме на избори според роковите што се заокружени, односно по завршувањето на вонредната состојба на 30 мај изборите да се одржат во определениот рок од 22 дена – на 21 јуни, порача претседателот на СДСМ Зоран Заев во интервју за ТВ Канал 5.
Тој оцени дека опозицијата се плаши од изборите и бара опрадвувања да избега од нив.
„Кога нема договор, едноставно во секоја демократска земја останува да се примени законот и владеењето на правото. Треба изборите да се одржат со законски пропишаните услови и рокови. Очигледно е дека опозицијата не е подготвена, се плаши од избори, бидејќи бројките покажуваат дека победуваме и тоа со голема разлика. Но, тоа не смее да биде причина да ја заглавиме државата без институции и на штета на економијата и здравјето на граѓаните“, оцени Заев.
Тој смета дека Државната изборна комисија е должна да ги спроведе изборите во роковите што ги предвидува Уредбата со законска сила, што беше донесена откако беше прогласена вонредната состојба и изборите беа одложени.
„ДИК е извршно тело. Тоа добива рокови, пропишани од претседателот на Собранието, кој ги распишува изборите и тие постапуваат по тие рокови. Теоретски имаме рокови за избори кои треба да се одржат и за 40 дена, и сме одржувале избори во тие рокови и изборите беа успешни. Роковите се јасни, претседателот на Собранието не може да распише нови избори, останува рокот определен со изборните рокови кои беа замрзнати поради здравствената криза. Неспроведувањето на одлуката поведува и одговорност“, оцени Заев и додаде дека Изборниот законик во делот на ажурирањето на Избирачкиот список е јасен и предвидува дека кога е завршен јавниот увид МВР е должно да достави список на полнолетни гласачи заклучно со 21 јуни, изјави Зоран Заев.