Меѓународната организација „Репортери без граници“ реагира на судската казна на весникот „Фокус“ во процесот кој против нив го поведе директорот на УБК, Сашо Мијалков. Во писмената реакција се вели дека казната за „Фокус“ од 9.0000 евра е несразмерно висока и дека има за цел „да се затвори последниот независен неделник во Македонија„.
-Ако правда мора да биде спроведена, и нормално е дека клевета треба да биде санкционирана со закон, судијата мора да има на ум за што тука станува збор: за правото на јавноста да биде информирана од страна на независни извори на информации, кои се сѐ поретки во земјата. Во овој случај, ваквиот баланс не е почитуван и слободата на печатот повторно ќе страда. На земја рангирана на 116 место во последниот индекс на слободата на светскиот печат, не и треба уште една деградација, се вели во реакцијата на „Репортери без граници“.
Сашо Мијалков покрена тужба за клевета против главниот уредник Јадранка Костова и новинарот Владо Апостолов за пренесена изјава од екс-амбасадорот во Чешка Игор Илиевски кој во таа изјава трвдеше дека бил малтретиран од Мијалков. Судијката Јованка Спировска Панева минатата недела пресуди во корист на Мијалков. Костова треба да му плати 5.000 евра, Апостолов 1.000, а двајцата заедно треба да платат судски трошоци од 3.000 евра за адвокатот на директорот на УБК.




