Власта на Груевски ги третира младите основци и средношколци како експериментални глувци на чиј грб се подметнуваат т.н „реформски“ проекти, рече денеска пред новинарите Стефан Богоев, претседател на СДММ.
Според него, нелогично е учениците од завршните години на средното образование на кои им претстои државна матура, да ги полагаат и екстерните тестови. Претседателот на Социјалдемократската младина на Македонија вели, самото објавување на прашањата за екстерното е признание на Владата за промашеност на проектот.
„Министерот за образование Спиро Ристовски, самиот призна низа пропусти нерегуларности во екстерното тестирање но ароганцијата на власта не и дозволува да го повлече проектот“, рече Богоев.
Тој потсети на мерките од програмата на СДСМ, според која, најголемата опозициска партија ќе го укине екстерното тестирање, а наместо притисоци врз наставниците и професорите, тие ќе ги стимулираат со награди за добро работење.
– Предвидена е повисока плата од 30 % за најдобрите училишта и наставниците во текот на целата година, а учениците од овие училишта ќе добијат ѕвездичка на свидетелствата што ќе им донесат дополнителни бодови при упис на факултет, надополни Стефан Богоев.
Според СДСМ, овие мерки се демократски и остварливи, а жално е што неколку генерации веќе се оштетени, и оттаму велат дека предвидено е да се укине административната работа на професорите и да се врати директната врска помеѓу професорот-ученик-родител.




