Повеќе од очигледна е безидејноста на СДСМ кога во прашање е понудата на мерки за севкупен општесвено-економски развој, а особено понудата на мерки коишто директно ја засегаат младината во Република Македонија, реагираат од владејачката партија откако денеска пред новинарите, претседателот на СДММ, Стефан Богоев посочи дека власта поради ароганција не го повлекува проектот за екстерното тестирање иако признава дека е промашен.
– Лидерот на нивниот подмладок денеска изјави дека екстерното тестирање ќе биде укинато, кога тие би ја добиле власта. Колебливоста, некоординираноста и неконзистентиот став во редовите на СДСМ остануваат нивна препознатлива особина. Изминатиот период неколкупати го менуваат мислењето по однос на ова прашање. Пред јавноста рекоа дека ќе го укинат, па потоа дека нема да го укинат. Сега повторно одлучиле дека оваа реформа и меѓународно признат и познат концет, кој се применува во 30 европски образовни системи и во 24 земји од ОЕЦД, во Република Македонија не треба да постои, се вели во реакцијата.
Според ВМРО ДПМНЕ, екстерното тестирање значи крај на ерата во која царувало неправичното оценување започнато во периодот на транзицијата, кога членовите и функционерите, непосветеноста и негрижата кон развојот на своите деца ја компензирале со поправање на оценки преку притисоци врз наставниците и професорите.
Партијата на власт соопштува дека реформата ќе продолжи, со која Македонија креира современ образовен систем и потенцијал кој „навистина ќе поседува знаење, применливо за севкупен општествено економски развој“.
– Токму вчера, Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ предложи и низа нови мерки за унапредување на образовната сфера. И тие се реални и остварливи. Наспроти мерките на СДСМ со кои, без никакво образложение и план за реализација, само ја замајуваат јавноста и се обидуваат да добијат некој политички поен, на пример дека секој студент по дипломирањето во рок од 6 месеци ќе биде вработен, или мерката за поголема заштита на наставниците кои токму во времето на СДСМ го достигнаа дното кога е во прашање нивниот општесвено економски и социјален статус, стои понатаму во реакцијата.
Дополнително велат, Владата предводена од ВМРО–ДПМНЕ се залага за унапредување на образованието или било која друга сфера, а намерите на СДСМ биле веќе прочитани и затоа не ја добиваат довербата од граѓаните веќе 7 години.




