Приоритетите на грчкото претседателство со ЕУ во првите шест месеци од годинава ќе бидат овозможување економски раст и вработување, интеграции во ЕУ, граници, мобилност и миграција, како и сеопфатна поморска политика, порача грчкиот амбасадор во Македонија, Харис Лалакос во денешното обраќање пред Комисијата за европски прашања во Парламентот.
„Нашето мото е Европа е наша заедничка задача. Во суштина тоа кажува дека останува на нас на сите граѓани, поединечно или заедно да работат подобро за престојните генерации во Европа. Особено за младите на југот од Европа кои страдаат од последиците од економската криза, бидејќи Европа е се кон што ние стремиме. Тоа значи дека треба да се грижиме за демократијата, толеранцијата, владеење на правото и просперитетот“, рече Лалакос.
Претседателот на Комисијата за надворешна политика, Антонио Милошоски истакна дека Грција наместо да покаже лидерство кон Македонија таа ќе продолжи со односот на игнорирање и блокада.
– Грција со своето претседавање ќе може да покаже дека размисува повеќе европски отколку билатерално токму преку случајот на РМ. Кога и да се случи тоа, дали ова или следното претседавање, најдобро ќе биде Македонија кога ќе ги почне преговорите со ЕУ, Грција да биде гласен поддржувач и тоа ќе ја смени атмосферата во двете земји. Тоа ќе и донесе добро и на вашата земја, и на имиџот на вашата земја во РМ, но и во ЕУ, а тоа ќе биде историски исчекор на РМ напред за што генерациите ќе ни бидат благодарни, рече Милошоски.
Гордан Георгиев од СДСМ истакна дека Грција како најстара членка во ЕУ од регионот би требало да има јасен политички концепт во однос на проширувањето и оти паролата на нивното претседателство „Обединети пловиме понатаму“, во Македонија буди чувство дека ние не сме или не заслужуваме да припаѓаме на тој заеднички брод. Интеграцијата на Западен Балкан, а особено на РМ е прашање од регионална безбедност и од тој аспект апелирам до граѓаните на сите држави да не бидат заложници на ниту една власт, туку во европски дух да го откочиме процесот на евроинтеграции“, рече Георгиев кој побара од Грција добра волја и да и овозможи исчекор во евроинтеграциите.
И евроамбасадоро Аиво Орав истакна дека треба да бидеме оптимисти за постигнување напредок.




