Над стотина млади лекари организирани во Иницијативен одбор се спротивставуваат на барањето на Здружението на приватни лекари, пациентите во иднина наместо матичен лекар да избираат ординација.
-Едногласни сме во ставот дека инцијативата е недозволива и погубна за популацијата на млади лекари кои се на почеток на својата кариера, за кои оваа држава вложила огромни средства за медицинска едукација, а дел од нив и самите ги сноселе сите трошоци. Сето ова во време во кое миграцијата на медицинскиот персонал е една од главните проблеми, се вели во соопштението на Инцијативниот одбор на младите лекари.
Тие сметаат дека даватели на здравствена услуга се исклучиво лекари со лиценца, вработени во Приватна здравствена установа без разлика која и да е. Затоа велат дека апсурден е ставот на Здружението – пациентите да избираат ординација, а не лекар.
-Најодговорно тврдиме дека ставот на Здружението не е едногласен став на лекарите ,туку одлука на Управен Одбор на невладина организација која неколку години наназад се обидува да се наметне како репрезент на лекарите,без притоа да има целосен легитимитет за истото, се вели во соопштението од Инцијативниот одбор.
Младите лекари велат дека Здружението на приватни лекари не спровело никаква јавна дебата, нема направено експертиза, а со тоа не е спроведена ниту било каква анализа за резултатите и последиците од нивниот предлог, за кој сметаат дека е резултат на протежирање и бранење на интересите на група лекари, во најголем дел сопственици на големи ординации.
-Зошто во своето работење Здружението никогаш не го отвори прашањето за тоа, дека млади лекари работат во ПЗУ за плата од 14 000 до 15 000 денари, некаде дури и за 12.000 денари, а сопственикот на ординацијата зема дебела капитација дури и над 200.000 денари.
Зошто никогаш не ги заштити и одбрани младите лекари, оние кои најмногу и се повеќе си заминуваат од Македонија се вели во реакцијата.
Здружението на приватни лекари на Македонија бара измени во Законот за здравствена заштита и Законот за здравствено осигурување, со што пациентите ќе бираат ординација, а не лекар.
Од Здружението денеска објаснија дека во интерес и на лекарите и на ординациите е да се направат измени за да се заштитат и двете страни.
– Никаде во светот не постои да се ликвидира фирма која успешно работи, која ги плаќа давачките кон државата и финансиски е способна. Ликвидирање на рентабилни фирми не оди во прилог на никого. Ова е наша реакција на случувања од последните денови кога имаме неколку случаи на смрт на доктори концесионери, па поради тоа нивните фирми се ликвидираат, потенцира д-р Чолакова Дервишова претседателка на Здружението.
Своето барање веќе го испратиле до Владата, премиерот Груевски, Министерство за здравство и Фондот за здравствено осигурување.




