Градоначалникот на Центар, Жерновски презентирајќи ги резултатите од работата на комисијата за состојбата со скулптурите на мостот Око, посочи дека и покрај тоа што министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска неколку пати претходно изјавувала дека нема увид во скулптурите на мостот „Око“, сепак има документ лично потпишан од неа и испратен до претходното раководство на Центар.
(1).jpg)
„Општина Центар била нем спроведувач на наредбите, а министерството одлучувало кои ќе бидат вајарите, кои лица ќе бидат во комисиите и во работните групи. Министерката одлучувала и кои ќе бидат ликовите од историјата што ќе бидат поставени на мостот. Спроведувањето на договорот го верификувале лица кои не биле вработени во општина Центар. Авторите самите се контролирале меѓу себе. Меѓу нив и омилената Валентина Стевановска“, изјави денеска пред новинарите Жерновски.
Врз основа на договори од овој тип, исплатени се 18.331 евро.
Тој напомена дека и покрај договорот фактурите да бидат платени по завршената монтажа на скулптурите, исплата е целосно завршено, а пет скулптури сеуште лежат непоставени во депо на МЗТ Скопје, кои се во фаза „мумии“.

Комисијата утврдила дека без одобрение од општина Центар се поставени 12 скулптури: На кралевите Каран, Пердика Први, Архелај Први, Александар Први Филхелен, Аминта Трети, царевите Гаврил Радомир, Иван Владислав и Стефан Душан, потоа скулптура на пајонската свештеничка, владетелите Добромир Хрс и Јован Углеша и генералот Парменион.
Градоначалникот на општина Центар најави дека на седница на совет ќе биде ставено на разгледување што е тоа што открила комисијата, како и тоа дека лично ќе ја покани министерката Канческа-Милевска да ги образложи наодите.
Комисијата која беше задолжена за ова истражување пак, бара да се испита можноста за покренување на постапки против сите инволвирани, кои со своето работење свесно избегнувајќи ги законските прописи, дозволиле незаконски општина Центар да потроши 650.000 евра.

„Нема да дозволиме дивоградби во општината. Ова ќе биде испратено на адреса на оние кои што знаат кој ги поставил. Мене не ме интересира скулптуратата на Цар Душан, туку дивоградбата на Цар Душан“, рече Жерновски.
Раководителот на секторот за инспекциски работи при општина Центар, Кочо Стојчевски, рече дека ќе се постапи согласно законот и 12те нелегално поставени скулптури ќе се отстранат, а петте непоставени – доколку се според законот ќе се најдат на соодветното место.




