Во периодот од четврток (4 јуни) од 21:00 часот до понеделник (8 јуни) до 05:00 часот, се забранува посета на гробиштата на територијата на цела држава, освен за погреби
Владата ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести и донесе одлука за ограничување на движењето за време на претстојниот продолжен празничен викенд, соопшти вечерва министерот за здравство Венко Филипче.
Полициски час од утре (4 јуни) во 21 часот до понеделник (8 јуни) до 5 часот наутро ќе има во Скопје – сите скопски општини, во Општина Куманово, Општина Липково,Општина Штип, Општина Тетово, како и во Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце.
Во сите останати градови полицискиот час да трае од утре (4 јуни) во 21 часот до задутре (5 јуни) до 5 часот наутро, додека во останатите денови да почнува од 16 часот и да трае до следниот ден до 5 часот наутро.
„Во периодот од четврток (4 јуни) од 21:00 часот до понеделник (8 јуни) до 05:00 часот, се забранува посета на гробиштата на територијата на цела држава, освен за погреби. Отстапките за од овие забрани се однесуваат за земјоделските активности, поради што е дозволено движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби“изјави министерот Филипче.
Повторното воведување на рестриктивните мерки следува по зголемениот број новодијагностицирани случаи со Ковид-19 во земјава во изминатите денови.
„Полицискиот час е резултат на непочитувањето на мерките од страна на дел од граѓаните и од страна на надлежно министерство. Се уште некои луѓе мислат дека вирусот не е опасен, но вирусот не е шега, некои граѓани не ја прифаќаат реалната состојба. По стотина одржани прес конференција, многу пати повторени работи, но мерките не се почитуваа. Ова е реалност, не е политичка флоскула, досега сите мерки беа издржани, стратегијата даде резулати. Но, не можеме да го контролираме движењето на луѓето. Враќањето на рестрикциите е заради непочитување на мерките за заштита. Упатувам порака до сите, до политичарите, новинарите, до верските заедници да влијаат во оваа ситуација. Ако сите се заложиме ќе успееме да го надминеме овој бран, рече министерот Филипче.
Само во последното дененоќие се регистрирани 101 нов случај со Ковид-19, од кои најголемиот дел се од Скопје – 59. Заразени има и во Куманово-12, Штип-седум, Струга – шест, Тетово – пет, во Гостивар и Кочани има по три случаи, Пробиштип – два, а по еден случај во Прилеп, Велес, Охрид и Кавадарци.
Институтот за јавно здравје денеска регистрира 10 оздравени пациенти и четворица починати.




