Дефиницијата новинар станува бесмислена, неприфатливо е печатените медиуми да се регулираат со овие закони, владините реклами се инструмент со кои Владата може да ја купува наклонетоста на овие медиуми, реагира денеска ЗНМ.
Интернет порталите изостанаа од законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и законот за медиуми, кој по скратена постапка вчера беше изгласан во Собранието.
Печатените медиуми да имаат обврска за објавување на импресум и сопственичка структура, како и да ги заштитат малолетните лица од објавување порнографски содржини и да овозможат транспарентност при работењето.
Сепак контроверзии на кои укажуваа претставниците на медиумите станаа дел од законот – формирањето на ново тело – Агенција чии надлежности се големи со можност да судат и да одземаат лиценци; дефиницијата новинар и медиум; финансирањето на МРТВ и предложениот состав за програмски надзор на јавниот сервис.
И покрај барањата на Самостојниот синдикат на новинарите и Македонскиот институт за медиуми, како и на Центарот за развој на медиуми ваков закон воопшто да не се носи, ЗНМ продолжи со преговорите со министерот за информатичко општество Иво Ивановски.
Денеска ЗНМ новото законско решение го нарече чекор напред во подобрување на понудената содржина на законите, за кои ЗНМ и странските експерти имаат сериозни забелешки. Ваквото однесување на Владата дава надеж дека во иднина ќе се направат напори за понатамошно подобрување на содржината на законите.
„Со примената на согласноста интернет медиумите целосно се изземаат од медиумските закони, ЗНМ има претставник во Агенцијата за медиуми, секое ограничување на медиумските содржини треба да биде во согласност со праксата на Европскиот суд за човекови права и значајно се намалуваат обврските за печатените медиуми. Освен тоа, во Законот се вгради одредба со која се потенцира дека целта на законот е да се промовира слобода на изразувањето и слободата на медиумите“ соопштува Здружението на новинари.
Според ЗНМ останува обврската во рок од шест месеци да се изнајде решение со кое ќе се зајакне независноста на јавниот сервис, Македонската радио-телевизија.
ЗНМ останува на ставот дека нема потреба за закон за медиуми, во услови кога Македонија рапидно паѓа на светските ранг листи по слобода на изразувањето.
„Предупредуваме дека неприфатените забелешки на ЗНМ, кои во исто време беа и забелешки на експертите на Советот на Европа и ОБСЕ, сериозно ќе ја нарушат слободата на изразувањето и слободата на медиумите. ЗНМ во иднина ќе се залага Владата да ги прифати и останатите забелешки, кои би придонесувале за подобрување на медиумското законодавство.
– За нас е неприфатливо печатените медиумите да се регулираат со овие закони, да се дефинира професијата новинар, законот да пропишува високи непропорционални казни за медиумите и Владата нетранспарентно да ги финансира медиумите преку владини кампањи и со поддршка на домашната продукција за играна и документарна програма на националните приватни телевизии. Освен тоа ние не веруваме дека одредбите за Агенцијата за медиуми обезбедуваат независност и транспарентност во работата.
– Дефиницијата новинар станува бесмислена после изземањето на интернет порталите од медиумските закони, а Европскиот суд за човекови права смета дека непропорционалните казни претставуваат сериозно прекршување на слободата на изразувањето и слободата на медиумите“, соопштува ЗНМ.
Како што истакнуваат од Здружението владините реклами и финансирањето на домашна играна и документарна програма на националните приватни телевизии се инструмент со кои Владата може да ја купува наклонетоста на овие медиуми, со што се влијае на квалитетот на медиумските содржини и се ограничува правото на јавноста да биде објективно информирана. На место покривање на трошоците за производство на ова програма со педесет проценти, Владата може да ги намали бројот на часовите на националните телевизии за домашна продукција за пола.




