Хирурзите немаат можност да ги читаат снимките додека оперираат бидејќи тие се издаваат на ЦД или ДВД, а операционите сали не се поврзани мрежно со новата дигитална опрема набавена преку фирмата „ВИСАРИС“.
Работата на хирурзите е отежната и при прегледите, кога амбулантски им доаѓаат пациенти со ЦД во рака после снимање на Радиологија, а тие немаат техничка можност да ги отворат ДЦ-та и да ги прочитаат резултатите.
– Со ова се отвора можност од лекарски грешки, а се отежнува дијагностицирањето, тврдат хирурзи од скопските клиники за НОВА.
Новата софистицирана опрема која Клиниката за радиологија ја плати 350 000 евра, е набавена преку тендерот на Министерството за здравство тежок повеќе од еден милион евра. Клиниката ја користи скоро цела година, но во ситуација кога хирурзите не можат да ги гледаат снимките се поставува прашањето зошто имало потреба од ваков тендер, особено што со големиот тендер од 100 милиони евра болниците беа снабдени со најнови модели на апарати за снимање.
НОВА го запраша министерот Тодоров како очекува хирурзите да се придржуваат на протоколите и да не прават лекарски грешки кога не можат да ги прочитаат снимките. На самото спомнување на скандалозниот тендер во кој беше инволвирана новинарка од Сител, министерот Тодоров почна да негодува.
-Не, тоа..рече Тодоров смеејќи се и вртејќи со главата.
Наместо него, одговори академик Живко Попов кој беше присутен на прес конференцијата каде се промовираа протоколи за Безбедна хирургија.
-Двете опции треба да ги имаат на располагање хирурзите, вклучително и ЦД- и рентген снимки. Точно е дека во некои здравствени установи не се дигитализирани операционите сали, но верувам дека со текот на времето и тоа ќе се среди, одговори на прашањето на НОВА, академик Попов.
Побаравме уште еднаш министерот Тодоров да објасни зошто го распишале тендерот доколку болниците не се подготвени за ваков вид на опрема, но тој веќе не беше заинтересиран да одговара и ја напушти прес-салата.
Документацијата поврзана скандалот кој инволвира новинар на ТВ Сител покажува дека апарати купиле болниците „Св.Еразмо “ од Охрид, „Св. Наум Охридски“ од Скопје, ЈЗУ КБ „Труфун Пановски“ од Битола и Клиниката за радиологија во Скопје. Градската хирушка болница „Св. Наум Охридски“набавила опрема дури за 600 000 евра.
Освен Клиниката за радиологија која веќе ја користи опремата, останатите болници чекаат да ги добијат дигиталните апарати. Документите од министерството за здравство за набавка на опрема преку фирмата ВИСАРИС МКД, фирмата во сопственост на мајката на новинарката Ивона Талевска и Србинот Марко Петровиќ, потврдуваат дека прво се распишал тендерот, а дури отпосле им се наложило на болниците да ја купат опремата од овој тендер.