Сите седум пациенти кои починаа во изминатото деноноќие се пациенти со претходни коморбидитети и пациенти кои спаѓаат во ризична група, потврдија за НОВА во Министерството за здравство. Јавноста денеска е шокирана од големиот број на починати, но и 125 нови заболени во последните 24 часа.
„Од починатите на Инфективна клиника: Пациентот (79г) Скопје -Сарај, е хоспитализиран на 21 мај, лекуван претходно од TBC (туберколоза), пациентката (66г) од Струга-Лабуништа е хоспитализирана на 8 јуни, а имала висок крвен притисок и дијабет, пациентката (54г) од Скопје – Студеничани е хоспитализирана на 5 јуни, а имала хронично обструктивна белодробна болест и гојазност.
Од починатите во ГОБ „8 септември“: пациентката (77г) од Скопје, хоспитализирана на 8 јуни имала срцева слабост, пациентката (73г) од Струга, примена на 7 јуни имала хронична леукоза, висок притисок и дијабет. Пациентите се примени како сомнителни на ковид и потврдени по прием.
Пациентот (87г) кој почина во Штипската болница е лекуван болнички од 26 мај, а имал кардиоваскуларни заболувања“, велат во Министертвото за здрваство.
Меѓу починатите е уште една пациентка од Тетово на 46 годишна возраст, која починала при прием во амбулантата. Таа прво била примена на Клиниката за нефрологија бидејќи имала трансплантиран бубрег, а била во тешка состојба.
„Починатата пациентка при прием во амбулантата на Инфективната клиника спаѓа во најкритичните пациенти бидејќи била со трансплантиран бубрег. Таа со семејството вчера дошла на Клиниката за нефрологија со приватно возило во тешка состојба. И бил земен брис. Во тие 3-4 часа додека била на Клиниката била максимално згрижена, а потоа била упатена на Инфективната клиника“ објаснуваат од Министерството за здравство.
Ова е вторпат во последните 10 дена да има толкав број на починати. На 1-ви јуни исто така седум пациенти починаа од Ковид-19.
Со ова се наметна прашањето дали навистина вирулентноста на вирусот опаѓа, како што рече министерот за здравство Венко Филипче, на една од последните прес конференции.
Исто така, тој посочи и дека на Инфективна клиника неколку денови наназад нема пациенти на респираторни машини, што го кажа како добар знак.
Неофицијално, НОВА дознава дека на клиниката се менува стратегијата во однос на лекувањето и пацинетите не се ставаат на респиратор, но официјална потврда за ова не добиме. Директорката Милена Стевановиќ не одговори на телефонскиот повик, а прашањата до неа беа: Дали е ова навистина нова стратегија и што ќе смени во однос на лекувањето на пациентите, како и дали ОД терен сметаат дека навистина вирулентноста на вирусот опаѓа.