„Зоран Заев на семејната фирма на својот личен пријател и бизнис партнер на фамилијата Заеви, Горан Крстев, и обезбедил јавни набавки во вкупна вредност од над 1 милион и 600 илјади евра. Сите овие пари и биле доделени на фирмата Јавор Шпед Дооел преку 11 тендери, во време кога и Горан Крстев и таткото Симеон Крстев биле сопственици на оваа фирма“, објави денеска Александар Колев од ВМРО – ДПМНЕ.
Како што појасни тој, Горан Крстев бил бизнис партнер со Вице Заев и семејството Заеви преку фирмата Сара Јавор Инженеринг, а на јавноста и е познат како еден осомничените, а потоа и аболициран за аферата Глобал, тешка 8 милиони евра. Дека и до ден денес Горан Крстев е бизнис соработник на Заеви, говори и последниот скандал за недозволената продажба на градежно земјиште по само 1 евро за метар квадратен, за кое што деновиве пишуваат и медиумите.
Општина Струмица и општинските институции на фирмата Јавор Шпед Дооел и доделиле 11 јавни набавки со вкупна вредност од 101.354.456 денари. Од нив, 8 се склучени директно со Општина Струмица со која раководи токму Зоран Заев со вредност од 83.322.641 денари, додека пак останатите 3 се склучени со Јавното претпријатие Комуналец Струмица во вредност од 18.031.815 денари.
Реакција на Општина Струмица
Во реакцијата на Општина Струмица се вели дека по којзнае кој пат ВМРО-ДПМНЕ повторува едни исти лаги на идентични прес конференции.
Тоа е истата ВМРО-ДПМНЕ која ги контролира сите институции во државата. И токму овие институции под нејзина контрола по неколку пати ги проверуваа сите јавни набавки во Општина Струмица и констатираа дека јавните набавки се спроведени согласно законите.
Ќе повториме и дека целокупната тендерска документација, за сите јавни набавки во Општина Струмица е објавена, или како што велат и од овие причини објавената документација е достапна и за ВМРО-ДПМНЕ.
Јасно е дека исклучиво по законски процедури се склучувани договори со фирми, меѓу кои и бројни фирми на функционери и членови на ВМРО-ДПМНЕ.




