Пратеничката Силвана Бонева, која прима плата од граѓаните на Република Македонија, има обврска и одговорност да и одговори на јавноста, изјави портпаролот на СДСМ, Петар Шилегов, како одговор на реакцијата на Бонева.
-На кој начин се заработуваат 360 илјади евра?
Ако се точни тврдењата на Бонева дека становите биле купени со наследство, а наследството, како што може да се види од нејзин Анкетен лист изнесувало 30 илјади евра, тогаш, како за една година се заработуваат 330 илјади евра?
Како во денешно време, во ист ден се купуваат два стана во центарот на Скопје?
Споделете ја со јавноста тајната на овој успех координаторке Бонева. Ќе ви бидат благодарни мнозинството граѓани во државата, кои во сиромаштија едвај го поминуваат денот, изјави Шилегов.
Оваа изјава на Шилегов доаѓа по реакцијата на Бонева, која го обвини него и СДСМ дека се тенденциозни:
-Петре Шилегов и СДСМ се обидуваат врз основа на неосновани и тенденциозни обвинувања да ја оцрнат мојата личност и угледот на моето семејство, реагира пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, по денешниот прес на портпаролот на СДСМ, Петар Шилегов.
-Сите одговори по однос на нивните манипулации, веќе ги дадов во изминатите реакции.
За целокупниот имот на моето семејство надлежните институции може да проверат и да потврдат дека е стакнат по законски пат. Впрочем и сите граѓани, особено во Струмица, знаат дека јас и мојот сопруг потекнуваме од чесни и трудољубиви семејства кои со години макотрпно работеле и стекнувале имот кој потоа го наследиле моите деца.
Оттука, прес конференциите на СДСМ се само неоснована дисквалификација кон мене и моето семејство и тенденциозен обид на тој начин да ги покрие скандалите на нивниот претседател Зоран Заев со тендерските постапки во Општина Струмица, реагира Бонева.




