Снежана Караџовска, жената на која и се ампутирани двете нозе по сообраќајна несреќа во Турција ќе добие протези, но исклучиво преку македонска фирма за ортопедски помагала со која ФЗО има склучено договор. Откога ќе ги подигне треба да си ги однесе сама во Холандија или во договор меѓу фирмата и болницата да и бидат испратени по приемот за операција.
Ова е суштината од одговор од Фондот за здравство за кој Караџовска чека цели шест месеци објаснување каде закочија работите зошто таа не може да отпатува на лекување, а НОВА две недели за прашањата кои ги испрати на 31 мај.
Но, причините зошто Снежана Караџовска во октомри по петти го пропушти закажаниот термин во болницата АОФЕ во Холандија, не се објаснети. Со одлука на Влада на неа и беа одобрени 119 000 евра за операција, обука и протези во болницата АОФЕ во Холандија, но работите заглавија во ФЗО.
Во ФЗО велат дека на Караџовска ќе и биде платена операцијата во износ од 63 258 евра, а протезите ќе мора да ги земе од една од фирмите, со кои Фондот склучил договор и тоа дури после нејзиното барање, во јануари годинава.
Орхан Рамадани, директор на ФЗО
„Ортопетското помагало-протезите Караџовска треба со Потврда да го подигне во една од ортопедските куќи со кои Фондот има склучено договор или во координација со ортопедската фирма и болницата во Холандија каде што треба да се оперира, директно да биде испратено во болницата АОФЕ по извршениот прием за операција“, се вели во одговорот од ФЗО.
Од Фондот објаснуваат дека Караџовска правото на ортопедско помагало може да го оствари согласно Правилникот за индикации на остварување на право на ортопедски и други помагала, а не според Правилникот за лекување во странство.
“Осигуреникот Снежана Караџовска врз основа на Решението за лекување во странство правото ќе го оствари со закажан термин за операција, при што Фондот ќе изврши уплаќање кон болницата. ФЗО го утврди правото за добивање на ортопедско помагало за Снежана Караџовска со заверка на Потврдата за потреба од ортопедско помагало на 3.12.2019 година. Во ваков случај, правото на добивање на протезите може да се оствари кај правните лица со кои ФЗО има склучено договор“, се вели во одговорот од Фондот за здравствено осигурување, потпишан од двајцата директори, Миле Сугарев и Орхан Рамадани.
Миле Сугарев, директор на ФЗО
Од таму потврдуваат дека на Седница на Влада одржана на 2. 10. 2019 година донесен е заклучок со кој „Се укажува на ФЗО да изнајде начин за обезбедување на средства за лекување во странство со набавка на протези на долни екстремитети на лицето Снежана Караџовска на товат на Фондот во рамки на законските процедури.“ И за, како што велат, да се излезе во престрет на лицата кои имаат потреба на понови и софистицирани ортопедски помагала била направена измена и дополнување на Правилникот за индикации за остварување на право на ортопедски помагала.
„На списокот на ортопедски помагала се внесе ново помагало Надколена ендоскелетна протеза со карбонско лежиште, едноосовинско хидраулично колено со микропроцесорска регулација и стапало од јаглеродни влакна за високо активни корисници, кое според стандардите е соодветно на сите осигуреници, вклучително и на Снежана Караџовска“велат од ФЗО.
По измените на овој Правилник на барање на Караџовска на 13. 11. 2019 било донесено Решение за упатување на хируршка интервенција, што и било дадено на утредента на 14.11. 2019 година.
Тоа е моментот на кој всушност цело време укажува Караџовска-таа добила зелено за светло за операција, но не и за протези. Караџовска прашува зошто дури сега и се укажува дека ќе може да ги подигне протезите со потврда во фирма за ортопедски помагала, од тука со која ФЗО склучил договор.
„Зошто се чекало толку време, сега сме јуни. Јас потврда да земам протези имав и во ноември. Зошто не се платија протезите, веднаш по измените на Правилникот. Што се чекало? Зошто ми се испушти терминот за операција кога биле исполнети условите. Како треба да ги носам во Холандија, во куферче? Ова не е предвидено во процедурата во болницата, таму“, вели Караџовска на ваквиот одговор од ФЗО.
НОВА, разговараше со луѓе кои се упатени во оваа проблематика. Тие објаснуваат дека протезите, и болницата во Холандија и ортопедската фирма од тука ги набавуваат на исто место, од иста, специјализирана компанија од Германија. За нашите извори симптоматично е зошто морало да се чека до јануари за да се склучи договор со ортопедските куќи, кога Караџовска можела да замине во Холандија и таму, за иста сума колку и тука да и бидат ставени протезите.
ФЗО во 2016 го раскина договорот со шест ортопедски куќи заради неправилности и малверзации во работењето, по што беше покренато обвинение и работата заврши на Суд. За тоа време ортопедските помагала се подигаа во аптеките. Неофицијално, на 17 јануари годинава бил повторно склучен договор со истите фирми иако не е завршен судскиот процес.
„Зошто ФЗО склучува договор сега, кога се уште не е завршен судскиот процес со нив“, прашуваат нашите извори.
Дали Снежана Караџовска мораше да ја понесе жртвата и да го испушти по петти пат терминот за операција додека Фондот добивал во време и конечно, во јануари склучил договор со домашни фирми, засега нема официјално објаснување.
„Тоа се делови кои се купуваат во Германија и треба ортопедската фирма тука да ги состави, но јас немам лежиште, нема како да ги склопат и да ми ги пробаат. Јас треба во куферче да ги однесам во Холандија. Зошто мораа да ја искомплицираат целата работа. Јас четири години лежам на стомак со тегови, плаќам приватно физиотерапевт за да можат да ми ги стават имплантите и протезите“, вели Караџовска.
Во целата оваа ситуација, вели Караџовска, симптоматично е зошто Одлуката од Управен одбор за добивање на протезите не ја видел никој досега, не ја добила ниту таа, а во ФЗО тврдат дека постои. Снежана Краџовска четири години води битка со институциите за да може да оди на операција во Холандија каде ќе добие адекватни и современи протези со кои ќе може да оди, бидејќи тие што ги добила тука, во фирма од државата не и одговараат и никогаш не почнала да оди со нив.
Во септември минатата на Караџовска, тогашниот премиер Заев и вети дека ќе оди на лекување во странство, а одлуката помина на седница на Влада, по што целиот политични врв и надлежните во здравството и честитаа нов живот. Работите закочија во ФЗО, а со образложението кој го има погоре ја ставија оваа жена со две ампутирани нозе, пред свршен чин.