Јавно ќе се објавува список на имиња на оние не ја почитуваат самоизолација, тие што не ги примаат решенијата за самоизолација, како и на тие што не ги даваат контактите , и тоа ќе се случи многу скоро, најави министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.
„Јавно ќе бидат објавени имињата на страната на Министерството за здравство и секој што ќе се најде на тој список ќе се смета како да му е дадено решението“, изјави министерот Филипче.
Во однос на прекршувањето на мерките, на собирите на млaди луѓе во парковите каде што не се почитува дистанца, се пие од исти чаши, како и неносење на маски i по пазарите, министерот рече дека МВР ќе постапува со санкции.
„Апелирам до родителите да ги советуваат младите да ги почитуваат мерките. Враќањето на рестрикциите не е добро, ќе мора да живееме со вирусот и така нема да може да се стабилизира состојбата. Економските оператори трпат големи загуби, градинките се уште не почнале со работа“, порача Филипче.
Филипче посочи дека побарале помош од правната служба на Собранието во издавање и доставување на решенијата за изолација на лицата на граѓаните кои одбиваат да примаат решенија, затоа што инспекторите од Државниот здравствен и санитарен инспекторат секојдневно се соочуваат со такви проблеми.
„ДСЗИ се соочуваа со големи проблеми за доставување на решенијата. Некои одбиваат и затоа што решенијата не се двојазични, други даваат грешни адреси, или не отвараат кога им доаѓаат на врата, даваат грешни информации, грешни телефонски броеви и тоа навистина ја отежнува работата. Побаравме помош од Собранието од правната служба за издавање и го разгледуваме законот за управна постапка и размислуваме јавно да ги објавуваме лицата кои се во изолација. Тоа многу брзо ќе го решиме“, рече Филипче.
Тој потенцираше дека има доволно кревети во здравствените установи, затоа што и покрај зголемениот број на новозаболени од КОВИД-19, само 14 проценти од нив се хоспитализирани, а 86 проценти се асимптоматски или имаат лесна клиничка слика. На инфективните одделенија во земјава вкупно хоспитализирани се 318 пациенти.
„Доаѓа период кога ќе имаме и голем број на излекувани пациенти, а ќе се намалува и бројот на новозаболени“, рече тој.
До утрово, во ГОБ „8 Септември“ примени се 14 нови, а вкупно хоспитализирани 113 пациенти. На респираторна машина се 10, а со потешка клиничка слика се уште 21 пациент“, изјави Филипче.
Тој потенцира дека се соочуваме со силен бран на Коронавирусот, а големата смртност ја објаснува со фактот дека голем процент од нив имаат претходни хронични заболувања. Од 193 починати, најголем процент се над 60 години, а кај 76 проценти се регистрирани бројни претходни заболувања, како на кардиоваскуларниот систем, бели дробови и шеќерна болест“, рече Филипче.
Со оглед на тоа дека е зголемен бројот на новозаболени, а голем дел од медицинскиот персонал е преморен, заболен или во изолација направен е план за ротација. На Инфективната клиника ќе дојдат 5 доктори, тројца од Клиниките во Скопје, еден од Тетово и еден од Охрид, како и 27 медицински сестри. За ГОБ „8 Септември“ е планот да дојдат 6 доктори, како и 27 медицински сестри.
„Враќањето на рестрикциите не е добра опција, затоа што повторно олабавување на мерките после рестрикциите ќе нѐ соочи со оваа ситуација и ќе се вратиме на почетокот.Важно е да се сфати сериозноста од вирусот. Ние го прекинавме хроничниот третман на пациенти заради новиот бран. Треба да се разбере дека вирусот нема да престане со рестрикции, важно е носење на маска, држење на дистанца и често миење на раце“, рече Филипче.
Тој посочи дека земјите во регионот исто така се соочуваат со зголемен број на новозаболени откако во претходниот период ги олабавија мерките или прогласија крај на епидемијата. Филипче рече дека разговарал со министрите за здравство на Бугарија и Албанија за да разменат искуства и да договорат начин како да се постапува понатаму, ако тоа е неопходно.




