Свадбата во Нерези од која има 14 заболени со Ковид-19, а семејството досега нема дадено ниту еден контакт од присутните на веселбата, не е предмет на истрага на Основното јавно обвинителство бидејќи ниту една надлежна институција не го пријавила случајот. Оваа семејна веселба со 100 -тина гости им создаде голем проблем на епидемиолозите затоа што не сакаат да им ги дадат контактите, а со коронавирусот може да се шири од човек на човек, неконтролирано.
Кластерот „Нерези“, може да експлодира како бомба, а институциите не реагираат. Лекарски извори за НОВА велат дека сега и тие што станале позитивни не откриваат дека присуствувале на оваа свадба.
Од Основното јавно обвинителство Скопје велат дека до овој момент не е пристигната кривична пријава или известување за овој настан. За да постапат, велат дека треба да имаат податоци за лицата кои ја организирале свадбената веселба, кои во јавноста не беа објавени.
„За да постапува обвинителството, потребно е да ги има основните податоци во поглед на лицата кои го организирале и присуствувале на настанот. Воедно, нагласуваме дека кривична пријава или известување до обвинителството може да поднесе секоја надлежна институција, врз основа на податоците кои се однесуваат на определен кривично-правен настан во рамките на надлежностите на тие институции“, велат за НОВА, во ОЈО.
Во ситуација кога во државата има вонредна состојба, со строги карантински мерки кога е забрането да се собираат повеќе од пет луѓе на едно место, кога МВР ги добива податоците за кластерите, секојдневно, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев тврди дека кога се работи за семејни слави во домашни објекти, МВР не може да влезе без налог од Основното јавно обвинителство.
„ОЈО во одредени случаи ни дава такви налози, а во други не ни ги издава“, изјави Чулев, одговарајќи на прашањето што превзема МВР бидејќи корона вирусот се шири на семејни прослави.
фото: сдк.мк
Чулев посочи дека се врши препознавање на лицата отпосле, по што се повикуваат во полициска станица.
„Во ситуација кога не може да се дејствува веднаш вршиме препознавање на лицата и потоа се повикуваат во полициска станица и им се поднесува соодветен поднесок до Јавното обвинителство. Неопходно е граѓаните сами да бидат свесни и да носат заштита опрема зашто со доаѓањето на изборите претпоставувам дека сите тие мерки уште повеќе ќе бидат олабавени, најверојатно ќе се отворат границите од следната недела и граѓаните сами треба да бидат свесни за ризикот од заразата“, рече Чулев.
И додека институциите си ја префрлаат топката, кој кого треба да извести, кога и МВР добива списоци на дневна основа, кога никој не реагира, епидемиолозите од Центарот за јавно здравје се ставени во тешки маки за да дојдат до контактите од оваа семејна веселба.
Од овој кластер со 100 гости кои контактираале најмалку со 10 луѓе, има околу 1000 контакти, а тие што ќе се заразат ќе го шират вирусот, понатаму без контрола. Од оваа свадба освен потесното семејството со 14 заразени досега нема ниту еден друг контакт, никој од контактите не е во самоизолација и слободно се движат меѓу луѓето. Нерези спаѓа во општина Карпош која има околу 60 000 жители, и поврзано, како неодвоив дел од Карпош 4.
Зачудува и однесувањето со кое ова семејство го загрозува здравјето и животот на граѓаните, особено што младоженците се вработени во Лекарската комора(правник и економист), сестрата на младоженецот која е позитивна на вирусот е лекарка, а таткото на невестата е медицинско лице кое работи во Психијатриската болница- Скопје во Бардовци.