Бизнисменот Аднан Хоџа за порталот А1он изјави дека фирмите кои весникот „Дневник“ ги посочил како фирми во сопственост или поврзани со новинарката на НОВА Менче Точи се негови, а не нејзини.
-Не се точни написите во дневниот весник „Дневник“ дека наведените фирми се на одредена новинарка. Тие фирми се мои, но поради оваа дезинфромација немам намера да тужам зашто мојот углед не е нарушен. Но, ќе отидам во суд како сведок доколку е потребно, во полза на новинарката која беше обвинета дека ги поседува фирмите, а тоа со документи можам многу лесно да го докажам. Не е етички написот во весникот со што новинарката во незавидна позиција ја стави својата колешка, рече Аднан Хоџа за А1он.
Од фирмите кои весникот и ги припиша на Точи, три се во сопственост на овој бизнисмен,златарницата е во сопстевност на неговиот брат, една е фирмата – сметководствено биро на нејзиниот сопруг, а единствено е основач на Институтот Ходници, организација која воопшто до денешен ден нема проработено.
Весникот „Дневник“ во петочното издание објави текст чиј автор е Катерина Нешкова во кој што ги соопшти фирмите на новинарите од критичните медиуми, обидувајќи се да направи паралела со фирмите поврзани со новинарката на Сител, Ивона Талевска, кои земале владини тендери за медицинска опрема. Па така, на новинарот на НОВА Борјан Јовановски му беше припишана и скопската кафеана „Томче Софка“, како и друштво за консалтинг кои воопшто не се негови. Единствено соопшти дека тој навистина е основач на Институтот за европски интеграции и тоа заедно со претседателот Ѓорѓе Иванов уште во 2004 година, но институтот никогаш не заживеал.




