Кирил Божиновски е оженет и не живее со својата мајка, па оттука, немал обврска да го пријавува нејзиниот имот во Антикорупциската комисија, тврди ВМРО ДПМНЕ откако СДСМ денеска обелодени дека во истата зграда каде што станови купиле двајцата синови на пратеничката Силвана Бонева, како и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, со стан од 120 илјади евра се стекнала и мајката на генералниот секретар на Владата Кирил Божиновски.
-Влегувањето во брак, односно промената на брачниот статус, нормално како за секој друг човек е верификувано од надлежните државни органи. Според тоа, Божиновски нема обврска и не сноси никаква одговорност за информирање и пријавување на имотот на семејната заедница во која тој не живее, без разлика дали станува збор за стекнување, продажба или за било каква друга промена во сопственоста.
-Станува дегутантно и смешно ова што Шилегов и СДСМ го прават. За она што го обвинуваат Кирил Божиновски нема ништо незаконско. Информациите околу имотот на Божиновски се јавно достапни и немаат никаква моментална поврзаност со имотот на семејната заедница во која што скоро две години не живее.
-Шилегов и СДСМ не можат да им забранат на луѓето да решаваат како и со кого ќе живеат, се вели во писмената реакција на владејачката партија.




