Фејсбук статусот на универзитетската професорка Билјана Ванковска во која таа спроведе тест со лајкови за да види дали би имала шанси како претседателски кандидат предизвика реакции во медиумите и на социјалните мрежи.
-Сакам да направам една проверка (немам пари за истражување на јавно мислење ) Се слушнаа голем број коментари дека меѓу досега споменуваните можни кандидати за претседател на РМ нема ниту една жена, а дека сите се/ќе бидат партиски определени или блиски до партиите. Да не зборувам за „консенсуалниот кандидат“… Мнозина, и на ФБ и на улица, ми велат „професорке, што не се кандидирате?“. Прашувам конкретно: колкумина од вас ќе стават лајк на идејата да соберам 10,000 потписи за независна кандидатура? Најмногу лајкови сум добивала за сликите од мојот Дарио, и за по некоја бомбастична колумна или изјава, ама овде ќе треба далеку повеќе од тоа Ако добијам повеќе од 2000 лајка ќе сметам дека станува збор за сериозна поддршка. Јас лично се обложувам дека ова нема да се случи, ама за оние кои постојано ме обвинуваат дека не сум доволно одважна, еве да направиме проверка, ова утрово го напиша Ванковска на својот фејсбул профил .
Ванковска успеа да ги собере лајковите по што напиша уште еден статус.
– Утрово бев убедена и подготвена да се обложам дека бројката од 2.000 „лајкови“ е недостижна – ама вие ме демантиравте, и ја дадовте поддршката за само 6 часа! Оставете ме да здивнам, изненадена сум, по малку дури и со чувство на голема одговорност што поттикнав такви позитивни реакции кои не смеам да ги изневерам. Но, да здивнам малку. Може? Да гледаме ракомет? Па после ќе ви кажам како гледам на оваа сериозна работа која ја иницирав… Засега, само едно ГООООЛЕМО благодарам! Не го земам ова како лична пофалба или комплимент, туку како израз на вашата желба за лик кој не доаѓа од политичките структури и кој нема ниту еден ден искуство во партиска политика! Ви ветувам, ако се одлучам на овој голем чекор-би била неконвенционален кандидат: немам пари, ниту можам да ги соберам; нема кампањи, нема делење пенкалца, нема автобуси и митинзи – ќе „киснеме“ и дебатираме на Фејсбук, а можеби и на Твитер“-напиша попладнево Ванковска.
Засега професорот Јове Кекеновски е единствениот кој јавно достави номинација за кандидат за претседател во ВМРО ДПМНЕ.




