Пратеничката на СДСМ, Билјана Казанџиска изрази незадоволство што Законот за филмска дејност се носи по скратена постапка во собранието.
Таа го нарече овој закон препишан и нашминкан, кој нема да донесе услови за одржлив развој на филмската дејност во Македонија.
„Зар е праведно и правично сите медиуми подеднакво да одвојуваат пари за Агенцијата за филмски фонд и националните и локалните и кабелските оператори и интернет услугите“, посочи Казанџиска.
Според неа државата ќе биде мајка кон националните телевизии и ќе ја субвенционира со 50 проценти од трошоците нивната играна програма, а кон другите ќе биде маќеа. Добивка за едни национални телевизии, а давачка за други кои одвај опстојуваат на пазарот.
„Зошто со минатиот закон за аудио-визуелни услуги давачката кон Агенцијата за медиуми се зголеми на два проценти. Зошто оваа радио-дифузна такса оди кон Агенцијата за медиуми, а првиот човек на таа агенција Зоран Трајчевски, има вишок на пари кои ги вложува со камата во банките“, тврди Казанџиска.
Таа предложи и оваа агенција како и Агенцијата за електронски комуникации да одвојуваат средства за развој на филмската индустрија.
„Агенцијата за електронски комуникации која има вишок на пари наместо да ги врати средствата во буџетот тие си градат аква парк, си организираат забави и богати шетања по странство. А имаат вишок на средства од провајдери и од телекомуникациски мрежи. Значи оваа агенција може да оддели пари за финансирање на Агенцијата за филмски фонд“, смета Казанџиска.
Министерката за култура Елизабета Канчевска Милеска возврати дека е жалосно што пратеничката нема чувство за културата а посебно за филмската дејност која е значајна за промоција на нашата држава.




