Лидерот на СДСМ, Зоран Заев вечерва од Охрид ги упати своите пораки кон гласачите.
„ Овој новиот спот што го гледам како се исповеднале граѓаните се надевам дека е смешка, се надевам за да ги насмеат граѓаните. Не ни треба нова обнова која што 11 години ги наведна сите граѓани во државата, се молчеше, на секој ќош се шепотеше во државата.“ изјави Зоран Заев.
Заев на средбата со граѓаните во Охрид ја обвини опозицијата за калкулантство.
„ Одлучивме да не молчиме а тие молчеа 11 години, молчеа и трите години додека беа опозиција , немаа став за ништо додека отворено со целосно транспарентен процес влеговме да ги решаваме најгорливите прашања кои што некој 30 години не се ни обиде да повлече храбро чекор за да ја отвори иднината, иднината на младите, иднината на децата, на следните генерации. Калкулираа само со политички рејтинг и со можни избори дека доаѓаат па како тоа ќе се рефлектира.“ изјави Зоран Заев.
Заев од Охрид ги коментираше и предонесите од Преспанскиот договор.
„ Ние носевме одлуки кога и требаа на државата, не калкулиравме, не се криевме, не се чукавме по градите и не обвинуваме клети грци, бугари или не знам кој. Не, влеговме во костец со проблемот и го решивме проблемот, го отворивме фронтот за развој на Р. Северна Македонија и на сите наши градови и села, на целиот наш народ оставивме перспектива на младите, на децата, на идните генерации и добивме фер решение и со Бугарија и со Грција. Затоа треба да бидете горди затоа што ние не сме денес Северна Тунгузија, Северна Македонија сме и само ние сме Македонија во која што е признаен македонскиот јазик од целиот свет, којшто го зборуваат македонци признаени од целиот свет. Имаме лична карта во ОН, имаме имотен лист, впишани сме во државите во светот затоа што претходно за сите бевме ФИРОМ.” рече Зоран Заев.
Тој зборувајќи за успесите на неговата влада го потенцираше интегрирањето на Македонија во НАТО.
„ Не знаевме кој какви намери има да не крчми, на дели или поделува, сега членот 5 од НАТО вели ако една земја е нападната нападнати се сите 30 земји членки. Имаме држава, целовитост и територијален интегритет, стабилност на нашите граници и испорачуваме стабилност за целиот регион. Имаме држава признаена од целиот свет во која живеат доминантно македонци признаени како идентитет од целиот свет што зборуваат македонски јазик признаен од целиот свет.“ изјави Заев.