Нека продолжи ВМРО-ДПМНЕ со владеењето таму каде што застана, онака како што нуди на овие избори. Нека продолжат сите оние кои сега се на листите, тоа се истите луѓе на Груевски, блиски соработници, неговите најважни карики, луѓе кои повторно ќе не однесат таму, каде што ќе ги обноват нивните славни времиња.
Во нивните изборни спотови можете да ги видите точно тие поминати години, сè што не се заборава никогаш. Тогаш кога бараа да се наведнуваме сите, мавтајќи со стаповите, да нè потсетат, како се завршува откако ќе се испружите пред нив.
Сега ги прикажуваат тие потсмешливи спотови, за потсетување- како изгледаше нивната визија за луѓето во оваа земја, во што сакаа да ги претворат. Да направат од сите нас покорни и мали, невидлива армија на зомби, која лази пред нив, за да нè дотолчат. Ним им беа потребни ништожни црви од кои ќе се одзема и граба сè , сечата беше кон сите, никој не беше поштеден. Она што најмногу сакаа да гмечат, беше достоинството, во што секако дека не успееја.
Тогаш кога владееше страв, бес и одмазда, владееше истата партиска книшка која мислат дека повторно може да го купи стравот, кога се шепкаа имињата на Груевски и на Мијалков. ВМРО-ДПМНЕ на Мицковски е онаа истата партија која сега се нуди низ нивните спотови, кога мислат дека можат да го сменат часовникот и да ги одвраќаат младите да заминат од земјава. Тие времиња веќе се затворена книга.
Мицковски добро знае дека тие засекогаш отишле, ех, какво лицемерие, тој знае дека тие заминале само заради нив. Тоа е таа младина која во нивните 11 години засекогаш им го сврте грбот. Нека ги праша само за деновите на тагата кога биле принудени да купат карта во еден правец. Нека се распраша за годините кога цели семејства не гледаа решение, кога нивниот излез беше да се напушти сè , да се продаде сè , да се сака засекогаш да се исчезне- и да не се свртат никогаш повеќе.
Токму заради тоа што ВМРО-ДПМНЕ им го нудеше. Токму заради таа партиска книшка, која им гарантираше послушност и наведнат грб, кога сведочеа за грабежот и пустошот, после кој не може да се опорави оваа земја. После нив одново мора да се гради оваа земја, после грабежот кој го урниса и го прогласи за непостоечки здравствениот систем, после чистката на здравствениот кадар, кој замина токму заради тие времиња кои денес ги нуди ВМРО- да се вратат. Откако оставија пустош- да нема доктори, сестри, болничари, нема болници, легла, респиратори, она што не постои денес, благодарејќи на нивното владеење, кое сега не удри повторно, во ова време на пандемија.
Обнова на мрачните времиња- тоа е најдоброто што може да го понудат- за тоа се обучени, тоа е сè што знаат и треба да сме им благодарни, што само нè потсетија на маршевите кога викавме- Никогаш повеќе.