Надминување на спорот со Грција до септември, за кога е закажан Самитот на НАТО во Велика Британија, за земјава да стане членка на сојузот било главното прашање за кое разговарал новоименуваниот функционер на Стејт Департментот за регионов, Хојт Ји, со политичките лидери, во неговата прва посета на Македонија.
Претседателот Иванов, рекол дека има два начини да се постигне целта, но за да успее некоја од нив побарал од Вашингтон да ја вразуми Грција. Првата е преку почитување на пресудата од Хаг, а втората преку изнаоѓање на заедничко прифатливо решение.
За деблокада на нашите стратешки цели неопходна ни е поддршката и ангажманот на САД. Јужниот сосед продолжува со неодговорно однесување, избегнување на контакти и непочитување на рамката на разговорите. Затоа очекуваме од нашите сојузници, пред се од САД, во име на поширокиот интерес да побараат разумно однесување од страна на Грција”, истакнал претседателот Иванов.
Надминувањето на спорот за името била единствена тема и на едночасовниот разговор што во американската амбасада го имаше Хојт со Али Ахмети, информираа од партијата.
За изборите воопшто не се разговарало, па оттаму одлуката на ДУИ дали ќе поддржи предвремени парламентарни заедно со претседателските избори, ќе ја донеселе самостојно во Мала Речица.. Лидерот на владејачката ДУИ, и оваа прилика ја искористил да побара од Америка што е можно побрзо да ги седне на преговарачка маса Груевски и Самарас.
Без зачленување во НАТО не може да има одржлив мир, стабилност и сугурност, но ниту здрави меѓуетнички односи помеѓу двете најголеми заедници.
-Г. Ахмети нагласи дека сега е времето за сериозно вклучување на меѓународната заедница, предводена од САД, затоа што страните се многу блиску до решение на спорот со оглед на тоа дека последниот предлог на посредникот Нимиц го содржи името Македонија и не го загрозува ниту идентитетот ниту јазикот на македонската заедница, стои во соопштението на ДУИ.
Претходно во текот на денот, Хојт Ји имаше средба и со лидерскиот двоец на СДСМ, Заев-Шекеринска.
Раководството на партијата и заменикот помошник државен секретар на САД заеднички истакнаа дека за Република Македонија е од клучна важност што е можно побрзо да стане членка на НАТО и да добие датум за преговори со Европската унија. Тие беа едногласни, за нашата земја нема друга перспектива освен европската, информираа од СДСМ.




