„Колкумина од вас почитувани граѓани можете да замислите фирма со нула вработени да свртите годишно 250 илјади евра? Колкумина од вас почитувани новинари и уредници на вести вртат годишно 250 илјади евра?“, праша на почетокот на денешната прес-конференција портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.
На познатиот пропагандист на власта на Груевски, Драган Павловиќ Латас, тоа му успева само преку една од фирмите во коишто фигурира неговото име, објави Шилегов.
– Еве што велат податоците од Централниот регистар за билансната состојба на активната фирма „Тотал Марекетинг“ ДООЕЛ Скопје, кадешто управител е главниот и одговорен уредник на телевизија Сител, Драган Павловиќ Латас. Уредникот Латас во оваа фирма е со неограничени овластувања во внатрешниот и надворешниот промет.

– Во 2010 година фирмата со која управува уредникот – бизнисмен имала приходи од 29 илјади евра.
– Во 2011 година приходите во фирмата 8-кратно растат. Успешниот управител Павловиќ Латас во 2011 година направил вкупен обрт од 264 илјади евра!
– Во 2012 година во фирмата за маркетинг и пропаганда со која управува уредникот на Сител, Латас, влегле 242 илјади евра.


„Овој мал правен субјект, со нула вработени, така е регистриран во Централниот регистар, учествувал во вкупните приходи во дејноста маркетинг и пропаганда во земјава за 2012 година, со 242 илјади евра!“ рече Шилегов, кој го објави официјалениот извештај од 17.01.2014 година од Централниот регистар.
Според СДСМ потоа парите се движат во непознат правец. Успешниот управител ги пријавува сите, 243 илјади евра како расход, сведувајќи ја фирмата на 0 добивка на годишно ниво. Какви расходи се во прашање, знае само управителот Латас.
„Ете вака 5-та година по ред успешно работи фирмата за маркетинг и пропаганда „Тотал Марекетинг“ ДООЕЛ Скопје, чиј управител е главниот и одговорен уредник на телевизија Сител. На истата адреса на Илинденска, на којашто се води оваа фирма, Латас е сопственик и на фирма за маркетинг и истражување на пазарот „Медиамакс“ ДООЕЛ Скопје формирана 2011 година којашто во моментов е во фаза на затворање“, рече портпаролот на СДСМ.
Шилегов посочи дека овој куќен пријател на премиерот Никола Груевски, се јавува и како еден од основачите на уште 4 правни субјекти, сите 4 регистрирани на Градски стадион б.б., официјална адреса на медиумот мегафон на власта, телевизија Сител.
Еве ги тие фирми:
– Едната основана 2000-та година. По 13 годишно работење Латас сега ја затвора.
– Другата основана 2001. Избришана по 9 годишно постоење, во 2010.
– Третата основана 2007. Избришана лани во мај. По 6 годишно работење.
– Четвртиот затворен субјект е здружение формирано 2008 година.
„Сите овие фирми, за маркетинг, комерција, промет и услуги, со години паралелно функционирале на една иста адреса, адресата на ТВ Сител, Градски стадион б.б. Прашање е како на овој уредник – бизнисмен, му успевало и му успева да ги држи институциите далеку од себе и од Градски стадион б.б.“, праша Шилегов.




