Директорот на КПУ Идризово Живко Пејковски во изјава за НОВА вели дека затвореникот Тони Мицајков не е во бегство, туку е пуштен на слобода, се до април 2014. МВР ја демантира информацијата на некои медиуми дека по поранешниот директор на Прилепскиот Тутунски комбинат е распишана потерница.
Мицајков бил пуштен на болничко лекување, а во затворот требало да се врати уште во октомври минатата година. По извршена операција тој до ден денеска не се појавил во Идризово.
Пејковски тврди дека не го пуштил на своја рака, туку дека Мицајков имал добиено решение за прекин на извршување на казна од Управата за извршување на санкции.
„Откако на први октомври минатата година затвореникот не се врати на доотслужување на затворската казна, затворот утредента поднесе известување до Основниот суд Скопје 1, односно до Оддел за извршување на санкции. Тоа е наша обврска согласно Законот за извршување санкции член 61 во врска со член 158 и 159“, објаснува Пејковски.
Директорот на Идризово за НОВА вели дека дури денеска била пролиферувана информацијата дека Тони Мицајков од Судот има добиено решение за прекин за извршување на казната со траење до 2 Април 2014 година.
Поранешниот директор на Прилепскиот Тутунски комбинат за злоупотреба на службената положба беше осуден на пет години казна затвор во 2010 година.
НОВА се обиде да добие информација од Управата за извршување на санкции, зошто дури сега затворот Идризово е известен за прекин на затворската казна на Мицајков, но од таму добивме одговор дека директорката Лидија Гаврилоска е презафатена со состаноци.
Останува на судот да одлучи дали и кој ќе сноси правни консеквенци за случајот со поранешниот прв човек на Прилепскиот Тутунски комбинат, кој беше пуштен од Идризово, а не се врати во одредениот рок.
Тони Мицајков беше директор на Прилепскиот комбинат од 2002 до 2005 година.




