Група демонстранти упадна вечерва во зградата на српскиот парламент по најавата на претседателот Александар Вучиќ дека ќе го врати полицискиот час по последните бројки на заразени со Ковид 19 во земјата.
Српските медиуми објавија дека демонстрантите го пробиле полицискиот кордон и влегле во холот на Парламентот, при што наводно биле фрлени и неколку факели и шишиња.
Демонстрантите повикувале да се уапси Вучиќ, но полицијата ги растера од Парламентот.
Во последните 24 часа во Србија починаа 13 луѓе од коронавирусот, што е рекорд за земјата каде досега беа евидентирани 16,700 случаи на инфекцијата. Бројот на новозаразени постојано расте од завршувањето на изборите во земјата, а последниве недели дневниот просек на новозаразени е околу 300 луѓе.
Најсериозна е состојбата во Нови Пазар каде болниците се претрупани со пациенти, а се соочуваат и со недостаток на опрема. Неколку болници во Белград веќе се целосно пренаменети за прием на заразени со вирусот, а подготвена е и полска болница во Белградската арена.
БИРН претходно објави фабрикување на податоците од страна на властите- соопштувајќи помали бројки на починати и заразени од вистинските.




