Зголемен број на пациенти, работење на лекарите под притисок, апаратите откажуваат во градската општа болница „8-ми Септември“, потенцираше денеска пред новинарите, директорот на здравствената установа, Сашо Стојчев, давајќи отчет за досега сработеното.
Помеѓу низата нерегуларности се и критичната состојбата со лабораториите во болницата, како и во одделенијата за рентген, урологија, ортопедија и гастро, а според директорот Стојчев, на амбулантските прегледи се чека до 40 дена, додека на магнетна резонанца и компјутерска томографија повеќе и од два месеца, што би можело да резултира со лекарски грешки.
– Се плашам секогаш кога има многу работа да не се доведе во прашање квалитетот на услугите, за тоа стравувам. Веќе имаме жалби да се смали времето потребно за преглед на пацинетите, особено од овие одделенија каде имаме преголема навала, што од мој аспект како лекар и директор на болницата, постојат ризици да се направи лекарска грешка, рече тој.
Стојчев вели жалбите кои пристигнуваат од докторите во втора смена се однесуваат на проблем со премореност, со што се одложуваат и хируршки интервенции.
„Тоа не би смеело да се случува онаку каде што има малигноми. Слободно ќе кажам дека 30 % од операциите на абдоменална хирургија се малигноми, кои за жал последните години ги има се повеќе. Мора да најдеме баланс“, предупредува Сашо Стојчев.
Со апел до пациентите да бидат трпеливи, од градската болница изразија надеж дека заедно со Министертвото за здравство ќе пронајдат модел по кој ќе функционираат без тие проблеми.
Според директорот на „8-ми Септември“, работата дополнително ја отежнуваат и пациентите кои нетрпеливо прекинуваат прегледи што се во тек, и не прифаќаат ниту најмало пролонгирање на сопствениот термин. Ова според Стојчев покажува дека времетраењето на прегледите треба да се редефинира, но во тоа задолжително да бидат вклучени и здруженијата на лекарите.




