Групацијата на фармацевтски куќи, веледрогерии и аптеки во Сојузот на стопански комори смета дека измените и дополнувањата на Законот за лекови и медицински помагала ќе направат непроценлива штета доколку бидат имплементирани без претходно да се даде повеќе време и уште еднаш да се разгледаат состојбите во државата и реалните можности за донесување на еден ваков предлог закон.
Од групацијата на фармацевтите додаваат дека пред да се донесе законот, треба да се формира комисија и сите засегнати страни активно да работат на изготвување на сеопфатна анализа.
„Бараме целосно да изостане членот од законот со кој правното лице кое врши промет на големо со лекови и правното лице кое врши промет на мало со лекови да не смеат да бидат капитално управувачки или роднински поврзани. Укажуваме дека трето лице не може да дава насоки, ниту обврзувачки законски елементи за менување на сопсвеничката, управувачката или организациската структура на правно лице кое е основано со приватен капитал. Ваквата законска одредба нема економски ефект за никој, а напротив кај тие фирми, кај кои веќе постои капитална поврзаност во истите со години се инвестирало, преземени се договорни обврски, вклучувајќи и банкарски кредити со домашни и странски банки, банкарски гаранции, коишто зависат и од сопственичката структура. Доколку се реализира ова, постои реална можност стотици вработени да останат без работа”, се вели во реакцијата на Групацијата на фармацевтски куќи, веледрогерии, аптеки.
Според нив, спорна е и одредбата со која се предвидува правно лице регистрирано според Законот за трговски друштва, кое врши промет на големо со храна, пијалаци, тутун и нафтени деривати да врши промет на големо и со лекови.




