Јас договорот со фирмата „Висарис“ ќе го раскинам, одговори министерот за здравство Никола Тодоров на пратеничкото прашање од Оливер Спасовски од СДСМ кој го праша дали знаел за фирмата која го доби милионскиот тендер за набавка на медицинска опрема.
>>СДСМ: Ивона Талевска била доминантен сопственик на ВИСАРИС ДОО Скопје
Министерот за здравство Тодоров се бранеше дека ниту знаел ниту можел да знае за овој тендер, потоа дека после шест месеци има направено промена во сопстевничката структура на фирмата Висарис, ниту пак Инспекцискиот надзор не регистрирал правни пречки.
Тодоров рече дека тендерот ќе го поништи од етички принципи и побара и претседателот на СДСМ, Зоран Заев да ги раскине сите договори со фирмите од своите блиски.
Спасовски беше незадоволен од одговорот на Тодоров и му предложи ако немало правни пречки, туку етички тогаш треба да си поднесе оставка од функцијата министер за здравство.
-Вие не можете да ја лажете целата македонска јавност. Тоа што сега го кажавте зборува за вашиот кредибилитет за се друго што зборувавте. Кажавте дека вие не сте исплатиле ниту еден денар, ниту едно евро во однос на овој тендер. Еве ви ја фактурата и каде имате исплатено 40 илјади евра по однос на овој тендер на Висарис. И сега на кој да му се верува, на тој што излегува и плаче на говорница и кажува што е правно и што е етички, или да се верува на документите и на фактурите, изјави Спасовски.




