Претседателските избори ќе бидат распишани утре и ќе биде соопштен датумот на гласањето, најави претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, во интервју за МИА.
„Уставна надлежност и обврска на претседателот на Собранието е да ги распише изборите. Во конкретниот случај имаме редовни претседателски избори кои треба да се одржат во периодот од 12 март до 12 мај и јас утре, во сабота на 1 февруари ќе ги распишам и ќе го одредам датумот на одржувањето на претседателските избори. Во однос на прашањето дали ќе има или ќе нема предвремени парламентарни избори, тоа не е во моја надлежност како претседател на Собранието. Тоа е надлежност на Собранието, кое треба прво да се самораспушти за потоа да се одржат предвремени парламентарни избори. Во овој момент можам да кажам дека утре ќе бидат распишани претседателските избори“, рече Вељаноски.
Тој смета дека Собранието не смее да работи под притисок на моменталната атмосфера и дека тоа нормално работи.
Доколку има само претседателски избори, Собранието нема да одржува седници нешто повеќе од еден месец пред првиот круг.




