Министерот за здравство Никола Тодоров се уште не ги покажува документите со кои го раскинал договорот со фирмата ВИСАРИС МКД. Министерот Тодоров денеска одби да им одговори на новинарите кој ќе ги сноси последиците од направената штета од овој скандал.
На денешната прес-конференција на Тодоров, луѓето од неговиот кабинет ги убедуваа новинарите дека тема на прес-конференцијата е кардиохирургија, министерот образложи дека тој вчера во Собрание ги дал одговорите„пред оние кои го избрале“ и потоа стана и си замина.
На Веб страната на Министерството за здравство нема никакви промени, ниту известување дека договорот е раскинат. Таму се уште стојат документите од тендерот што Министерството ги објави пред неколку дена.
Во меѓувреме, болниците каде што е стигната опремата или тие што се уште ја чекаат, не знаат што треба да прават и чекаат инструкции од Министерството.
Од Клиниката за радиологија каде што опремата е стигната и монтирана, велат дека чекаат понатамошни инструкции од Министерството за здравство.
-Понатамошни инструкции за достасаната и монтирана апаратура, чекаме од Министерството за здравство, се вели во одговорот на Клиниката за радиологија до НОВА.
Ова е една од испорачаните фактури од која се гледа дека за опремата за Клиниката за радиологија биле исплатени 40 000 евра, за достасаната апаратура. Од документот се гледа дека лице за контакт од фирмата ВИСАРИС е лично Ивона Талевска.

Екипата на НОВА повторно денеска стапи во контакт со српската фирма ВИСАРИС која ја произведува опремата.
Прашањата ги пративме по електронски пат, но одговор побаравме и телефонски. Баравме да ни биде одговорено, како ќе се справат со новонастанатата ситуација, дали ќе покренат судски спор бидејќи договорот е раскинат? Дали ќе бараат оштета?
Во телефонскиот разговор вработена во Визарис ни одговори дека во канцеларија не е присутен ниту еден од директорите, а лицето кое одговара на електронската пошта не е на работа.
Изминатите денови Тодоров беше под силен притисок на јавноста, а вчера обелодени дека од етички причини го раскинал договорот, но не даде повеќе детали.




