Управниот одбор на „Дајнерс клубот“ за Србија, Црна Гора и Македонија децидно застана зад извршниот директор на „Дајнерс клуб Македонија“ и сопруг на Радмила Шекеринска, Божидар Јанковски, зад наводната афера со киријата од 5.317 евра која на име станбени трошоци тој ја добивал од компанијата во која работи, известува „Утрински весник“.
Регионалниот центар на компанијата испратил соопштение до „Утрински весник“ посочувајќи дека „Дајнерс клуб Македонија“ е пример за странски инвеститор кој веќе две децении успешно работи во Македонија, во согласност со сите домашни закони и правила на меѓународниот франшизен договор со „Дајнерс клуб интернешенел“ (Чикаго, САД)“.
Тие ги повикуваат сите политички и медиумски субјекти да не го уриваат нејзиниот имиџ кој е граден со години. Со тоа, според неа, се создава лоша слика кај сегашните и идните странски инвеститори во Македонија.
„Деловната политика повеќе пати е потврдена со ревизорските извештаи и редовните изјави што се спроведуваат со ’Дајнерс клуб интернешенел‘ (Чикаго, САД) во сите свои франшизи. Договорот за наемот со нашиот извршен директор за Македонија, Божидар Јанковски, е дел од неговиот менаџерски договор, кој е утврден од страна на нашиот Управен одбор и за што се платени сите даноци“, се вели во соопштението од центарот на компанијата во Белград.




