ДУИ во моментов не е за предвремени парламентарни избори, но ние сме подготвени за избори во секое време, рече портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, на денешната прес-конференција.
ДУИ нема донесено одлука за предвремени парламентарни избори. Тие се само една од петте алтернативи кои ќе ги понуди партијата доколку со ВМРО-ДПМНЕ не се договориме за консензуален кандидат на претстојните претседателски избори.
„Анализите покажуваат дека ДУИ ќе биде апсолутен победник во албанскиот дел доколку утре би излегле на избори. Сепак, тоа не е причината зошто ја ставивме можноста за предвремени извори во една од варијантите, туку тоа што предвидовме дека евентуалното недоговарање за консензуален кандидат може да доведе до политичка криза која нема да овозможи нормално функционирање на Владата и евентуално блокирање на институциите“, рече портпаролот на ДУИ Бујар Османи.
Потенцира дека единствено со ВМРО-ДПМНЕ разговарале за консензуален кандидат и додаде дека се додека не добијат одговор од коалицискиот партнер сметаат оти постои можност за договор.
Според ДУИ консензуален кандидат за претседател подразбира кандидат кој ќе ја претставува волјата пред се на двете поголеми етнички заедници, но и на сите граѓани.




