Судот во Прилеп ја заврши истрагата за пожарот, којшто се случи пред една година, во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ на Трескавец и предметот му е предаден на Основното јавно обвинителство.
Портпаролот на Судот во Прилеп, Жарко Велески информираше дека пожарот избувнал во гостинската соба број шест од искри во ќумбето.
– Пожарот избувнал на 4 февруари 2013 година во гостинската соба број шест поради наталожени предмети и саѓи, како и необезбеден дел кој служел како долап. Се создало нагло таложење од претходниот ден (вечерта на 3 февруари) и паѓање жар и искри. Бидејќи немало воздух, тлеело подолго време, се создало висока температура и по 18 до 20 часа откако заминале последните гости се случил пожарот, изјави Велески.
Од Обвинителството најавија дека за 4-5 дена ќе се изјаснат за случајот.
Прилепскиот Завод и музеј изготви обемен проект за обнова на изгорените конаци за кој конечниот збор ќе го даде Националниот конзерваторски центар во Скопје.




