Пленарната сесија на Европскиот парламент во Стразбур помина без изненадување, уште еднаш беше повикан Советот на Европската унија да утврди датум за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, јавува Дојче веле.
„Горд сум што претставив извештај во ЕП, кој бара без одложување почеток на преговори со Македонија. Исто така сум среќен што беше најден консензус за изборниот закон и што е воспоставен дијалог меѓу новинарите и владата, но и дека буџетот беше усвоен во нормална парламентарна процедура. Акцентот е ставен врз интеграцијата и образованието, меѓуетничките односи и селективното судство“, вели известувачот Ричард Хауит, социјалист од Велика Британија.
Тој притоа нагласува дека негова грижа е земјата да напредува, затоа тој предлага Европската комисија да ѝ додели на Македонија статус на „функционална пазарна економија“, со што ќе бидат гарантирани странските инвестиции.
Алојз Петерле, европратеник од Словенија од редовите на народните партии за извештајот и Резолуцијата предложена од британскиот европратеник Ричард Хауит за Дојче веле оценува дека истиот е реален.
„Извештајот е реален, не е толку проблем со извештајот, туку со контекстот во кој дојде до новиот извештај. Ние сите сакаме да има динамика во однос на Македонија, таа да оди напред и да ја покаже својата проевроска линија со нови реформи и стандарди. Знам дека во Македонија има големи амбиции да се направи сѐ што треба. Големо е мнозинството овде во Европскиот парламент кое сака да се прекине оваа блокада и навистина да дојде до преговори и таа да оди понатаму.“
Петерле мисли дека е лошо за регионот кога има земји со различни статуси, ЕУ ќе мора да ја награди секоја амбиција и напредок, кој е направен.
Ова мислење на Петерле беше потврдено во дебатата од страна на најголемиот број од неговите колеги, кои конкретно се задржаа многу повеќе на случајот со Македонија, отколку на Босна и Херцеговина и Црна Гора, со оглед дека расправата беше заедничка за трите земји од Западен Балкан.




