Откако СДСМ покажа со факти и документи дека за само 10 дена потрошени се најмалку 1 милион евра, јавноста два дена чека ВМРО-ДПМНЕ да даде одговор кој и како ја плаќа кампањата против Зоран Заев и СДСМ, потенцираше денеска портпаролот на најголемата опозициска партија, Петре Шилегов.
Според него, поради немоќ да ги демантира доказите, власта се брани со молк, и засега нема објавено став колку пари се досега потрошени, и кој ги плаќа рекламите.
Претставувајќи извештај на Државниот завод за ревизија пред новинарите за сметката на ВМРО-ДПМНЕ, портпаролот на СДСМ цитираше дел во кој се вели:
„Изразено е мислење со резерва за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи на ВМРО-ДПМНЕ за 2012, како и усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива“, и рече дека во нормална држава само по себе би било скандал.
Според билансите на приходи и расходи за 2012 година, Шилегов образложи дека ВМРО-ДПМНЕ како расходи пријавува само материјални расходи, услуги и амортизација – околу 280 илјади евра за 2012 година и 459 илјади евра за 2011 година, како и други расходи, околу 44 000 евра за 2012 година и 12.000 евра за 2011 година.
Во име на својата партија, Петре Шилегов побара од владејачката партија да и ги достави на јавноста конкретните фактури со коишто во моментов ги плаќа минутите телевизиско време, фактурите со коишто ги плаќа билбордите и фактурите со коишто се платени рекламните страници по весниците.
– Ако тоа не го сторат, ќе биде јасно дека за таа цел се користат буџетски пари. За партиски интереси Груевски и ВМРО-ДПМНЕ користи пари на граѓаните на Република Македонија, надополни тој.




