Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз Зоран Заев и заменик претседателката Радмила Шекеринска денеска остварија средба со директорот на Директоратот за проширување на ЕК Кристијан Даниелсон, евроамбасадорот Аиво Орав и шефот на одделот за Македонија, Дејвид Кален.
Претстојните претседателски избори беа една од темите на денешната средба помеѓу делегациите. Европската унија со внимание следи дали Република Македонија е способна да спроведе фер и демократски претседателски избори.
Социјалдемократскиот сојуз го даде својот придонес во политичкиот дијалог со власта за Изборниот законик според препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Целосното почитување и имплементацијата на договореното ќе значи испраќање на позитивен сигнал дека нашата земја е подготвена да спроведе фер и демократски избори. Меѓутоа, постапките на власта испраќаат лош сигнал и ја доведуваат во прашање политичка волја да се држат до договореното, истакна претседателот Заев.
Двете страни се согласуваат дека правилата на игра во политичката битка треба да важат за сите учесници во изборниот процес, со цел да се манифестира демократски капацитет на земјата.
Едно од најважните прашања за Република Македонија е што е можно побрзо да стане членка на НАТО и да добие датум за почеток за преговори со Европската унија. Внатрешните реформи, слободата на медиумите, независноста на судската власт, владеењето на правото и подобрувањето на добрососедските односи се клучни на патот кон таа цел, потенцираше директорот на Директоратот за проширување на ЕК, Даниелсон.
Претседателот Заев истакна дека Социјалдемократскиот сојуз бил отсекогаш посветен на евро-атлантските перспективи на Македонија и дека во таа насока ќе продолжи да работи и во иднина.




