Во просек 3.39 оценката од последното екстерно тестирање на матурантите. Од средните училишта на прво место е „Раде Јовчевски-Корчагин“ од Скопје. Дел од резултатите што ги постигнале учениците се веќе на огласните табли, друг дел ќе почекаат до понеделник, а имињата на наставниците кои според резултатите потфрлиле во оценувањето ќе бидат објавени дури по завршувањето на претседателските избори.
Оваа одлука на Министерството за образование и наука се должи на мислење од Државната комисија за спречување корупција што го добиле вчера, а според кое, во изборниот период директорите на училиштата не смеат ниту да зголемуваат, ниту да намалуваат плати.
>> СДСМ: Власта призна екстерното е неуспешен проект
„Согласно укажувањата тоа ќе мора да се реализира по завршување на изборниот процес за да не се сфати ниту како наградување, ниту како казнување на дел од наставниците во период кога се активно рапишани и се спроведуваат изборите. Ние нашиот дел го имаме завршено од обврските, но не смеам ништо од тоа да објавам, ниту јас, ниту кој било друг државен орган“, изјави министерот Спиро Ристовски.
На тестирањето, 2.596 од вкупниот број тестови се оценети со единица, 416 ученици полагале само еден предмет, а 315 воопшто не полагале. Незадоволните матуранти ќе можат да ги доставуваат своите приговори до училишната комисија од понеделник до среда, но последниот збор сепак ќе го има Државниот испитен центар. Учениците за кои ќе се утврди дека од оправдани причини не го полагале екстерното или само еден од предметите, ќе добијат втора шанса.
>> ВМРО ДПМНЕ:Екстерно тестирање, за крај на неправичното оценување од транзицијата




