CNN iReport (http://ireport.cnn.com/) го отстрани текстот за потпретседателката на СДСМ Радмила Шекеринска од блогот. Овој текст провладините медиуми го претставија како оригинална сторија на Си-Ен-Ен, иако CNN iReport е нивен блогерски производ, каде комуницираат читателите и каде оваа медиумска куќа ги поканува да партиципираат со свои стории, фотографии и видео снимки, во согласност со уредувачките политики на овој медиум.
Текстот е отстранет заради тоа што бил пријавен од страна на заедницата која партиципира, како и прекршување на насоките и начинот на употреба на блогот на Си-Ен-Ен.
Покрај текстот, избришан е и профилот на корисникот кој го објавил истиот.
Шеќеринска реагираше за НОВА претходно за овој текст:
– Владините платени плукачи навистина ги потценуваат македонските граѓани. Мислат дека граѓаните не ја знаат разликата помеѓу „вистинскиот CNN“ и неговата отворена рубрика „iReport„ на која секој човек од планетава може да прати свој текст и фотографија, реагира Радмила Шеќеринска за НОВА по пишувањата на некои портали кои во јавноста важат за провладини, за текстот за пратеничката на СДСМ, и „Дајнерс“ каде што работи нејзиниот сопруг.
Вистинскиот CNN е заинтересиран за други прашања: на пример, дали власта Скопје го претвара во забавен парк, но дека владините мегафони не го пренесуваат тоа.
Очигледна е нервозата на власта поради документите кои ги објавуваме, а кои го докажуваат нејзиниот криминал. Благодарение на неколкумина новинари-истражувачи, стана јасно дека дел од тие криминални мрежи се портали и лица од медиумскиот бизнис кои долги години цицале од македонскиот буџет, вели во изјавата Шеќеринска.
Нарекувајќи го новинарство за пример, потпретседателката на СДСМ вели за да се покријат, тие мора побезобразно да лажат и измислуваат афери, и надополни дека Нетпрес од Белизе ќе ја цитира Република од Карибите, која ќе ја пренесе истата вест што Курир ја „спружил“ на англиски на iReport.




