Шефот на државата Ѓорге Иванов утре ќе замине во посета на Русија, во рамки на одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји, но нема најава за средба со претседателот Владимир Путин.
Според најавите, предвидено е во Москва, тој да ствари средба со Патријархот на Руската Православна Црква, г.г. Кирил и да го посети московскиот државен универзитет „Ломоносов“, каде на покана на универзитетот ќе одржи предавање. Реномираниот универзитет „Ломоносов“ на Иванов ќе му ја додели титулата Почесен професор.
Во рамки на церемонијата, претседателот Иванов ќе ги одликува Евгениј Суханов, шеф на катедрата за граѓанско право при московскиот државен универзитет „Ломоносов“, со Орден за заслуги и Елена Верижникова, водечки специјалист по македонски јазик во Русија, со Медал за заслуги, за нивниот придонес за унапредувањето на македонско-руските односи
За време на престојот во Москва, македонскиот претседател ќе го посети саемот „Продекспо“, каде е најавено учество на македонски компании.
Иванов заедно со сопругата Маја требаше да отпатува за Русија уште вчера, на отворањето на зимската Олимпијада, но заради технички дефект на владиниот авион, тој го откажа присуството.
Делегацијата влегла во авионот, но и по час и половина чекање авионот останал на писта на аеродромот Александар Велики во Скопје.




