Опозициската СДСМ со ново обвинување до министерот за здравство Никола Тодоров. Од СДСМ тврдат станува збор за трошење на милиони народни пари.
-Само пред три месеци, на 10 ноември 2013 година министерот за здравство еуфорично објави, почеток на греење на скопските клиники на гас. Проект што ги чини граѓаните, како што рече министерот, околу 800-тини илјади евра. Спротивно на овие изјави, согласно овој документ од Бирото за јавни набавки, Клинички центар склучил договор со ОКТА за набавка на мазут за цела 2014 година. Договор тежок 2 милиона 670 илјади 906 евра, за мазут за греење на клиниките, изјави на денешната прес конференција Дамјан Манчевски, потпретседател на СДСМ.
СДСМ го повикува министерот Никола Тодоров да излезе во јавноста и да објасни за што станува збор, доведувајќи граѓаните во заблуда дека дишат почист воздух. Според изјавите на министерот, само Клиничкиот центар испушта 100 тони сулфур диоксид годишно.
Сега, што е точно министре Никола Тодоров? Дека Клинички се грее на гас?
Или дека Клиничкиот центар се грее со мазут?
Според Вашата изјава, Клиничкиот центар би требало да се грее на гас. Доколку Клинички центар сепак се грее на гас, тогаш зошто се набавува мазут за над два и пол милиони евра, прашаа од опозициската СДСМ.




