Постоење на завршена јавна набавка, самото по себе, е различно од реализиран промет, се вели во експресниот одговор на Министерството за здравство, кое одговори на обвинувањата дека министерот Тодоров направил договор за набавка тежок 2 милиона 670 илјади 906 евра, за мазут за греење, иако скопските клиники се гасифицирани.
– Јавната набавка за која што говори господинот Дамјан Манчевски, која што воопшто не е тајна, претставува договор со плаќање по испорака, што значи, ќе се плати колку што ќе се потроши. За носителот на набавката, во овој случај ЈУ Заеднички служби, нема никаква финансиска обврска ако не се изврши нарачка и испорака на нафта. Тоа значи дека максималната вредност на набавката не може да се смета за апсолутна. Колку за илустрација, истава установа во 2013 година склучила ист ваков договор со можност за повлекување на 4000 тони, а се повлечени и потрошени само 1000 тони, и за толку има обврска да се плати. Така и во оваа набавка. ЈУ Заеднички служби нема обврска да ја повлече ниту да ја плати количината која што во договорот е наведена како максимална, стои во соопштението од Министеството.
Во објаснувањето понатаму се вели, дека Министерството за здравство превентивно ги превземалo сите чекори за да нема никаков прекин во редовното обезбедување на здравствената заштита и услуга за граѓаните во сите сегменти, па и во делот на снабдување на клиниките со топлинска енергија и другите продукти кои се генераат преку топланата.
Затоа била направена и јавна набавка, која што сама по себе не генерира финансиска или материјална обврска,но во секој момент претставува резервна варијатна на обезбедување на енергенс, доколку од кои било причини дојде до застој во работата со гасот, како на пример да биде прекината испораката на гас, поголем дефект во гасоводната мрежа итн,се вели во соопштението.
-Уште еднаш ги повикуваме претставниците на Социјалдемократскиот Сојуз, кои што излегуваат со неодговорни и неосновани изјави пред македонската јавност и со тоа го навредуваат и достоинството на македоснките граѓани, мислејќи дека лесно ќе им подлегнат на лагите и шпекулациите, да дојдат во Клиничкиот центар и лично да се уверат во тоа каков енергенс се користи и се користел изминативе месеци, како и лично да ја почувствуваат разликата во амбиенталниот воздух велат од таму.




