Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска на свечена церемонија на Московскиот Државен универзитет „Ломоносов“, ја доби титулата „почесен професор“.
Како „почесен професор“, Иванов на Ломоносов“ одржа предавање пред професори и студенти за историските, духовни и културни врски меѓу двете земји и народа, со научни повикувања на поголем број автори кои ја обработувале оваа тематика, јави известувачот на МИА.
Иванов говореше за книгата „Кралството на Словените“ од Мауро Орбини, објавена 1601 година во Италија, во кое вниманието му го привлекол авторот Еремије Русо цитиран во делото, за кого Орбини тврди дека во „Летописите на Московија“ од 1227 година напишал дека: „Русите односно Московјаните имале еден ист јазик како древните Македонци“. Еремије тврди дека древните Македонци зборувале словенски јазик.
Тој посочи дека Орбини цитира бројни антички и средновековни автори кои ја покажуваат посебноста на македонскиот јазик во однос на грчкиот.




