Министерот за финансии Зоран Ставревски призна дека со години се прикрива јавниот долг на државата и дека не се почитувале законите и меѓународните методологии, рече Кире Наумов од СДСМ објавувајќи документ изработен од Министерството за финансии со потпис од министерот Ставревски во кој се гледа вистинскиот износ на јавниот долг на Република Македонија.
Тој појасни дека вкупниот јавен долг во овој документ е пресметан според Законот за јавен долг и по методологијата GFS (Government Finance Statistics). Методологии по кои сите држави ја претставуваат својата задолженост.
„Согласно овој документ министерот Зоран Ставревски признава дека на 30.09.2013 година јавниот долг на РМ изнесувал 3 милијарди и 226 милиони евра или 40% од Бруто домашниот производ (БДП) кој го прогнозира Министерството за финансии“, рече Кире Наумов, претседателот на Советот за економски прашања на СДСМ.
– Ако на ова ги додадеме задолжувањата во последните три месеци од 2013, тој изнесува 3 милијарди и 390 милиони евра и е 42% од БДП. При тоа, ако БДП го пресметуваме по методот на Народна Банка (НБРМ), кој е и единствено исправен а Ставревски не сака да го примени, вкупниот јавен долг изнесува 44% од Бруто домашниот производ (БДП).
– Ако во 2012, цела година Ставревски лажеше дека државата не должи никому, а потоа сепак имавме признание, денес имаме ново признание. Дека Ставревски со години лажел и давал податок за Јавниот долг кој не е структуиран според законот за јавен долг и меѓународната методологија.
– Македонија е задолжена над 44% од Бруто домашниот производ (БДП) и се останато е манипулација на Груевски и неговата влада, смета СДСМ